» Најкоментирани од последната недела:
» Најчитани од последната недела:
Пукна тиквата и за новата енциклопедија
Откако академик Ефремов сфатил дека неговата идеја за дополнување и измени на енциклопедијата не му се допаѓа на поголемиот дел од претседателството, решил да се повлече од играта
21:00 | 15.02.2010 | Автор: Шпиц
Академик Ѓорѓи Ефремов се откажа од трката за главен редактор на новата Македонска енциклопедија. Одлуката ја донел деновиве кога сфатил дека повеќето членови на советот на Лексикографскиот центар ја поддржуваат идејата за целосно нова енциклопедија, наместо неговите заложби за дополнување и измена на веќе постојната.
- Не сакам тензии и решив да се повлечам. Четириесет отсто од одредниците се за личности од кои 187 се академици и смешно е да се прави ново издание зашто тука нема што да се менува - рече Ефремов.
Неговиот конкурент, академик Митко Маџунков, рече дека не бил информиран за повлекувањето на неговиот колега и нагласи дека работата на енциклопедијата е тешка и подобро да се откажеш отколку да ја прифатиш.
Тој објасни дека во новата енциклопедија треба да има повеќе стручни области кои треба подобро да се дефинираат, да има помалку одредници, а и помалку ангажирани автори кои ќе работат на нив.
Колку ќе чини неговата идеја Маџунков не знаеше, но нагласи дека нема да биде колку претходната за која беа потрошени 24 милиони денари.
За разлика од него, Ефремов направил и пресметка за старо-новиот проект и нагласи дека за дополнувањето и измените ќе биле потребни околу пет милиони денари, а изданието би било готово за околу една година.
Според неговата визија, авторите би требало да бидат исплаќани по објавувањето на енциклопедијата, од парите што ќе стигнуваат од нејзината продажба.
Академик Маџунков објасни дека за неговиот проект ќе бидат потребни околу четири години, а би се финансирал од буџетот на владата.
- Бидејќи и претходно се планираше продолжение на енциклопедијата и англиско издание веќе има одредено средства од владата - рече Маџунков.
Енциклопедијата треба да ја редактираат девет члена, кои ќе ги избере Советот на Лексикографскиот центар, откако претходно и тоа тело ќе биде проширено од пет на седум члена. Раководител на Лексикографскиот центар е академик Митко Маџунков.


