» Најкоментирани од последната недела:
» Најчитани од последната недела:
Сиднеј - Премиера на филмот „Името е име“
Документарниот филм „Името е име“ на режисерот Исланѓанец Сигурјон Еинарсон и продуцентот Џејсон Мико вечерва ќе ја има својата австралиска премиера во Државниот театар во Сиднеј, по што следуваат уште десет проекции во други австралиски градови.
На премиерата се поканети и претставници на грчката заедница, иако прогрчката организација австралиско-македонски советодавен совет побара од Државниот театар да ја откаже проекцијата на филмот, кој, според нив, бил пропаганден и заканувачки за територијалниот интегритет на Грција.
- Засрамен сум како Европеец што не сме го решиле ова прашање многу порано. Овој филм е мал обид луѓето во Европа и САД да сфатат дека ова прашање мора да се реши, потенцира режисерот Еинарсон, кој денеска патува за Австралија. Тој со порака дека сите ние, како што вели, сме Европејци, а Македонците треба да си ја задржат искрената кауза. Европејците, посочува тој, треба да се зафатат со прашањето и да сфатат дека во 2010 година не смее да имаме ваков спор на нашата европска маса.
Извршниот продуцент Александар Билбилов изрази очекување дека се ќе помине во најдобар ред. - Би сакале да го видат филмот и да се уверат во спротивното, рече Билбилов.
„Името е име“, потенцира режисерот Еинарсон, им е посветен на луѓето што се заложници на своето име. Снимен е во т.н. „он д роуд“ - жанр и го прикажува режисерот како на мотоцикл за време од седум месеци патува низ Македонија и разговара со обичните луѓе, но и со претставници на политичката и на културната сцена, за оспореното правно на името Македонија.
- Еден ден верувам дека сето тоа ќе се смени. Еден ден ќе се појават политичари во ЕУ, кои ќе кажат: Доста е! - вели во филмот премиерот Никола Груевски.
Во текот на март филмот се очекува да биде прикажан и во Брисел пред ВИП - публика од Европскиот парламент.
- Бриселската проекција се планира со многу ВИП-гости од ЕП. Конечно, тоа е и целта на филмот - низ разговори со обичните луѓе да ја објасни апсурдноста на овој спор, нагласи Билбилов.
По проекциите во Австралија и во Брисел, продуцентите во втората половина од април, ја подготвуваат и премиерата на филмот „Името е име“ во Македонија.
Грчката дипломатија пред три месеци со силни притисоци успеа да го спречи исландскиот амбасадор во САД да го прикаже филмот во амбасадата на оваа држава во Вашингтон.


