Скопски филмски фестивал ќе го крши малерот

Тринаесеттото издание на СФФ, организаторот очекува да доживее пресвртница, иако еден месец пред неговиот почеток тој се соочува со многу отворени прашања

21:00 | 10.03.2010 | Автор: Шпиц

И овогодишниот Скопски филмски фестивал е во знакот на изненадувањето. Еден месец пред почетокот на фестивалот се уште не се знае дали ќе има гости, ако има, кои ќе бидат, а не е познато ни со колку пари ќе располага организаторот. Познато е само дека Министерството за култура дало 2,5 милиони, Град Скопје 500.000 денари, но не и кои спонзори ќе му помогнат на фестивалот.
- Во моментов сме во преговори со спонзорите и дури сега се потпишуваат договорите. Македонските фирми имаат слух за случување како Скопскиот филмски фестивал - рече организаторот Иво Антов.
На тринаесеттиот Скопски филмски фестивал, за првпат ќе се доделуваат награди за најдобар филм, за најдобар краток балкански филм и најдобар аматерски едноминутен филм. Одлуката ќе ја донесе публиката која ќе гласа по проекциите.
- Наградите ќе бидат изненадување. Тоа ќе бидат статуи со обележје на градот. За најдобриот краткометражен балкански филм ќе следува и парична награда, меѓутоа сумата се уште не можам да ја објавам, бидејќи не е затворена финансиската конструкција за фестивалот - рече Иво Антов.
Филмовите на фестивалот се класифицирани во неколку групи. Во главната програма ќе се прикажуваат долгометражни авторски филмови, документарци (рок документарни филмови), потоа ќе има селекција на кратки балкански филмови и аматерски едноминутни филмови. Тие ќе се прикажуваат во кината „Милениум“, „Фросина“ и во Кинотеката на Македонија.
На Скопскиот филмски фестивал ќе им се даде шанса и на аматерите да се промовираат и тие ќе имаат можност со едноминутен филм да бидат дел од оваа манифестација. Годинешната тема за нив е „13“ и е во знак на годишнината на Скопскиот филмски фестивал.
- Сите можат да учествуваат, нека земат мобилен телефон, апарат за снимање или камера, па снименото нека го префрлат на дивиди и нека ни го донесат. Интересна е темата од тринаесеттото прасе, па до хорор-филмот „Петок тринаесетти“ - рече организаторот Иво Антов.
Тој рече дека се надева дека со тринаесеттиот СФФ ќе успеат да го скршат малерот, кој го следи фестивалот неколку години наназад.