» Најкоментирани од последната недела:
» Најчитани од последната недела:
Со помали даноци кон филмска мека
Бугарија подготвува закон за даночни олеснувања за снимање филмови, кој треба да биде донесен во септември, па се очекува зголемен интерес на продуценти за снимање во регионот кој ќе биде цел за филмаџиите зашто земјата нема да може сама да опслужи толкава продукција.
Големо филмско студио од САД, „Ну имиџ“ дојде во Македонија, заинтересирано да разгледа локации и да види какви услови нуди Македонија за снимање филмови. Ова вчера го најави Дарко Башевски, директор на Филмскиот фонд на Македонија, кој последнава година работеше на промоција на Македонија како дестинација за снимање филмски остварувања.
- Два дена шетавме по локации и имавме средба со претставници од владата. Она што ги интересира продуцентите од САД е дали земјава ќе понуди даночни олеснувања за снимање странски филмови бидејќи странските продуценти не се даночни обврзници на Македонија. Доаѓаат, снимаат, па го извезуваат производот. Во повеќето земји за тоа се добиваат даночни олеснувања. Ние имаме мал пример од лани, дебитантскиот филм на Хуанита Вилсон - „Како да ме нема“, кој за само шест недели снимање во Македонија потроши 900.000 евра - вели Башевски.
Продуцентската куќа „Ну имиџ“ од САД годишно снима околу 25 филма, со буџети од 2 до 50 милиони долари. Пред шест години во Бугарија го купија студиото „Бојана“.
Башевски нагласи дека Бугарија подготвува закон за даночни олеснувања за снимање филмови, кој треба да биде донесен во септември, па се очекува зголемен интерес на продуценти за снимање во регионот, кој ќе биде цел за филмаџиите зашто земјата нема да може сама да опслужи толкава продукција.
- Ова е сигнал дека Македонија треба брзо да реагира и да донесе закон за даночни олеснувања за да ги привлече тие странски продуценти. Таков закон имаат и Унгарија, и Романија, а Чешка го донесе во февруари годинава, откако продуцентите почнаа да ја заобиколуваат зашто Германија им беше поисплатлива - вели Башевски.
Филмскиот фонд испрати сугестија до комисијата за култура за законот за спонзорства и донации да прерасне во закон за даночни олеснувања.
Башевски потсети дека на Канскиот фестивал имало три компании кои биле заинтересирани за Македонија како локација за снимање. А.Р.


