„Спиноза“ на сцените на МНТ и на Драмски

Проектот на Бузалковска, кој поради специфичните барања што ги има претставата ниту еден од театрите досега не покажал подготвеност да го реализира, ќе се игра на две сцени во Скопје

21:00 | 11.03.2010 | Автор: Шпиц

Претставата „Спиноза“ на Мал драмски театар од Битола по текст на Гоце Смилевски, а во режија на Зоја Бузалковска ќе се игра на сцените на МНТ и на Драмски театар. Директорите и на двата театри, Сашо Миленковски и Бранко Ѓорчев, решиле да му излезат во пресрет на театарот на Благоја Стефановски кој нема своја сцена, а на располагање ќе му бидат и нивните актери. Подготовките за овој проект треба да почнат следниот месец во Драмски театар.
- Нашиот фундус, стар декор, стари костими му се на располагање на Мал драмски театар. Доколку има потреба, тука се и нашите актери. „Спиноза“ ќе се прикажува на редовниот репертоар на Драмски театар - рече директорот на Драмски театар, Бранко Ѓорчев.
За оваа претстава можна е копродукција и со Франција, најави режисерката Бузалковска. Таа рече дека се преговара во претставата да игра и актер од Франција, а да биде вклучен и тамошен сценограф.
Таа почнала да работи на овој проект непосредно по објавувањето на романот на Гоце Смилевски и нагласи дека поради специфичните барања што ги има претставата, ниту еден од театрите досега не покажал подготвеност да го реализира овој проект.
Текстот е направен по драмата „Разговор со Спиноза“ на Гоце Смилевски, која во многу мал тираж излезе непосредно по објавувањето на првото издание на романот. Смилевски има направено уште неколку драмски верзии за претставата, но Бузалковска ја прифатила првата, која дополнително е доработена од Смилевски.
- Претставата „Спиноза“ нема да се занимава со животот и со делото на Барух Спиноза, не би сакала публиката да очекува еден драматизиран роман, во неа ќе барам нова вредност, а многу би сакала есенцијалните места од романот да ги почувствува по еден друг пат - рече Бузалковска.
Таа објасни дека „Спиноза“ ќе биде претстава која зборува за рационалното, а си игра со сетилното.
- Таа треба да му го направи на гледачот истото она што му го прави Клара на Спиноза во една од најубавите сцени кога било напишани кај нас. Она што е основен квалитет на драмскиот текст е што носи со себе атмосфера. Човек може да ја помириса, да ја допре, да ја чуе претставата, додека го чита текстот. Ваквото чувство е голема предност кога треба да поставите еден текст на сцена - вели Бузалковска.