» Најкоментирани од последната недела:
» Најчитани од последната недела:
Турскиот театар со четири премиери за 60-от јубилеј
Монографија и книга со рецензии за турската драма, свечена академија, гостувачки претстави и настапи надвор, се дел од активностите кои театарската куќа ги најави во јубилејната година
21:00 | 07.03.2010 | Автор: Александра Радевска
Со промоцијата на монографија за Турскиот театар, која би требало да се случи на Денот на театарот - 27 март, ќе почне прославувањето на јубилејот 60 години постоење на оваа установа.
Прилозите во монографијата, авторот Ристо Стефановски ги класифицира не по временски периоди, туку по тематски подрачја, давајќи преглед за севкупната дејност во Турскиот театар во последните пет децении. Монографијата за Турскиот театар е двојазична и е испечатена во 500.000 примероци.
Во состав на јубилејот ќе биде промовирана и книга од театарскиот критичар Иван Ивановски, во која се содржани сите негови рецензии за турската драма и театар од 1960-тите години, па се до денес.
Директорот Клинче најави дека за почетокот на април ја подготвуваат премиерата на претставата за млади „Шеќерна приказна“ по текст на Славко Јаневски, во режија на Коле Ангеловски.
За јубилејот со спонзорство од Здружението на гостиварци од Истанбул се изработени и 150 плакети, кои на свечена академија ќе им бидат доделени на заслужни актери, граѓани и институции од земјава и надвор, кои го следеле, поддржувале и го промовирале развојот на Турскиот театар низ годините, посочи Клинче.
На средината на мај треба да се случи и премиерата на претставата „Овде и сега“ на Роналд Шимепфенинг, во режија на Слободан Унковски, како еден од водечките проекти за годишната јубилејна програма.
А во втората половина на годината се предвидени и премиерите на „Музеј на спомените“ според дела на Орхан Памук, во режија на Владо Цветановски во драматургија на Владо Ѓорески, и „Чудната баба“ од Нина Садур во режија на Владимир Милчин.
Најавени се и гостувања на повеќе театри од земјава од Тетово, Гостивар, Куманово, а на гости се очекуваат и државните театри од Турција, Турскиот театар во Бугарија, театрите од Призрен и од Приштина.
Турскиот театар во годината на јубилејот остварува и неколку гостувања. Во февруари настапи на Фестивалот на актерот во Никшиќ, Србија, со „Госпоѓица Јулија“, во април е предвидено гостување на фестивал во Коња, Турција, а на крајот на мај во Истанбул како дел од манифестацијата „Истанбул европска престолнина на културата“, Турскиот театар ќе настапи со претставата „Сијах Калем“.


