Чешка - со гратис пијалок до клиенти

13:15 | 21.04.2010 | Автор: МИА

Економската криза ги принуди и проститутките во Чешка да ги сменат своите навики и со екстра услуги да се борат со конкуренцијата за придобивање на клиенти. Наместо со „првокласно шампањско“ и ексклузивни соби во ноќните клубови во последно време, чешките проститутки се повеќе услугите ги нудат во своите приватни домови и на посетителите им нудат бесплатен пијалок и дополнителни услуги како бонус, покажува минатогодишниот Извештај за трговија со луѓе на чешкото Министерство за внатрешни работи.
Според документот, како што јави дописникот на МИА од Прага, кризата има најголемо влијание воглавно во чешките погранични места кои се познати по големиот број на еротски клубови. Нивниот број во 2009 година значително се намалил.
- Просперираат само неколку клубови, зад кои најверојатно стои голем капитал, се вели во Извештајот на Министерството за внатрешни работи на Чешка.
Во исто време се констатира дека проституцијата не е исчезната, туку со оглед на економската криза, поради помали трошоци, жените кои нудат сексуални услуги се претпоставува дека се преселиле во приватни станови.
Токму кризата и борбата за клиенти ги тера еротските клубови на улица да испраќаат „помошници“ кои со летоци и разни бонуси- бесплатен пијалок или екстра услуги привлекуваат посетители.
Иако во материјалот на ресорното Министерство не се наведува точниот број на жени кои се занимаваат со проституција, сепак се претпоставува дека нив во Чешка ги има околу 10.000.
Некои невладини организации не ја исклучуваат можноста оваа бројка да е за три пати поголема.
Чешките органи и невладини организации имаат регистрирано случаи кога во странство Чехинки биле насилно задржувани и принудувани на проституција.
Минатата година, еден таков случај бил откриен од чешката амбасада во Србија и во соработка со српската полиција и Интерпол, девојката била вратена во Чешка.
Според чешкото Министерство за внатрешни работи состојбата со проституцијата во Чешка не е за „радување“, но во никој случај не е толку катастрофална како што во јануари ја опиша една репортажа на британскиот сервис, Би-Би-Си, во која Прага беше наведена како транзитна средина на трговијата со жени каде своите пари ги трошат многу Англичани организирајќи „ергенски забави“ пред да се оженат.

Тагови (карактеристични поими за веста):
|