Кинез три месеци живеел на аеродром во Јапонија

19:15 | 12.02.2010 | Автор: МИА
Токио, 12 февруари - Кинескиот активист и истакнат борец за човекови права, Фенг Џенгху живеел повеќе од три месеци во бесцаринската зона на аеродромот во Токио.

По повеќето безуспешни обиди да се врати во Кина, денеска барањето му е одобрено, по што Џенгху конечно се врати во својот дом во Шангај.

Во ноември минатата година Џенгху тргнал на службено патување во Јапонија, меѓутоа кога требал да се врати дома Кина му забранила влез во државата.

Тој живеел токму како во холивудскиот хит „Терминал“. Логорувал на ничија земја, меѓу местото каде доаѓаат патниците и пасошката контрола на терминалот на јапонскиот аеородром Нарита, а преживувал од храната која му ја давале патниците.

Неколку пати успевал да стигне до аеродромот во Шангај, но кинеските власти секогаш го враќале назад.

Тој е прогласен за „персона нон грата“ бидејќи им помагал на луѓето во Кина на кои им е одземен имотот во правната борба против Владата. Поради тоа бил и неколку пати апсен.