Заспива и престанува да дише

10:00 | 19.08.2010 | Автор: Шпиц

Кога се родил Лиам Дербишир, на неговите родители им било речено дека ќе живее само шест месеци. Денеска Дербишир има 11 години, и покрај тоа што престанува да диши секогаш кога ќе заспие, тој е многу активно и среќно момче, пишува „Дејли мејл“.
Дербишир страда од ретко акутно респираторно нарушување, познато како хиповентилација, така што секогаш кога родителите ќе го бакнат за добра ноќ мора да го приклучат на апарат за дишење.
Неговото семејство од Хантс, Британија, секој месец плаќаат високи сметки за струја, а заедно со опремата имаат инсталирано и аларм кој ќе ги извести доколку во текот на ноќта снема струја.
- Ги надмина сите неволји. Многу сме среќни што е жив. Од секогаш сакавме да има нормален живот, а тој ги надмина сите наши очекувања - изјавува неговата мајка. Таа додава дека секогаш мораат да внимаваат на него.
- Понекогаш е премногу активен, а некогаш срцето почнува побавно да му чука.
Полн е со живот, фантастичен е! Постојано се смее, иако секој нов ден живот за него е вистински бонус - додава мајката на Дербишир.
И лекарите кои го лечат се согласуваат со неговите родители.
- Ова е навистина редок случај. Дербишир е првиот пациент кај кого сме ја констатирале болеста, кога прв пат пред 11 години дојде во нашата болница. Тој имаше и рак и проблеми со цревата, а, сепак, преживеа. Неверојатно! Мислам дека тој е единствениот случај - изјавува доктор Гери Конет.