Џинсот инспирација за нови модели

Набрани рабови, плетени манжетни, додадена тантела или исечени материјали во облик на срце и ѕвезди, се само дел од многубројните можности што ги дава џинсот

21:00 | 10.03.2010 | Автор: Шпиц

Џинсот што вашето дете не го носи, украсете го со апликации од стари материјали и облечете го детето од глава до петици во нова модерна облека, што сама сте ја креирале.
Ако одлучите сами да ја изработите и да ја преправите детската облека, нема да се покаете, бидејќи ова хоби е вистински извор на забава.
Фармерките многу едноставно можете да ги продолжите со плетени манжетни. Ако знаете да плетете, можете да ги иштиркате, а ако плетењето не ви оди од рака, ребресто плетените манжетни може да ги набавите од секоја подобро снабдена продавница. Постапката е многу едноставна. Манжетните вшијте ги за краевите на порабените ногавици и внимателно распоредете ги, за ткаенината да биде подеднакво набрана.
Ако вашето дете има кратки фармерки, не фрлајте ги, туку на едноставен начин продолжете ги. Обичен ластик повлечете низ работ на панталоните, затегнете го, но не премногу и врзете ги во цврст јазол. Доколку имате вишок ластик, задолжително скратете го, за да не виси од ногавиците. Рабовите рамномерно наберете ги и распоредете ги наборите на ногавиците.
Износените фармерки на вашата ќерка со мала фантазија претворете ги во многу убави фармерки. Се што ви е потребно е малку тантела или материјал со разнобојни цветови. Материјалот што сте го одбрале сошијте го така што да добиете густи фалти и добро зашијте го на претходно порабените ногавици. Додадениот материјал наберете го и рамномерно распоредете го по рабовите на ногавиците.
Од старите фармерки многу едноставно можете да направите нови кратки панталони. Фармерките скратете ги до должина на панталоните и внимателно порабете ги. Со жолта или со некоја друга ткаенина во пастелна боја искројте парчиња во облик на шерифовски ѕвезди, исечете и вшијте ги на едната ногавица. Вашиот син ќе биде пресреќен да носи фармерки кои потсетуваат на Дивиот Запад.
Од кратките фармерки на вашето девојче може да и изработите убава и шик минисукња. Распарајте ги ногавиците од панталоните и меѓу нив вметнете триаголник од џинсот или некој друг материјал. Добро порабете ги рабовите за ногавиците да не се одделат од уметничкото платно. Доколку сакате, сукњата може да ја украсите со вез или со цвет што сте го скроиле од некој материјал. Сукњата ќе биди уште поинтересна ако ставете ремен во пастелна боја.