» Најкоментирани од последната недела:
» Најчитани од последната недела:
Боречка вештина што ја подобрува самодовербата
Бојан Попоски, инструктор по џит кун до
10:00 | 18.08.2010 | Автор: Шпиц
Бојан Попоски веќе 10 години активно изучува и тренира џит кун до. Во почетокот тоа го правел благодарение на интернетот, а сега активно, со својот тренер и ментор СИФУ Ивица Алексоски подучуваат млади момци и девојки кои се заинтересирани да ја научат ова боречка вештина. Вели дека нема возрасна граница на која може да почне да се практикува, а се што треба е желба, волја и љубов кон боречките вештини. Тој вели дека покрај тоа што ефективно помага за зацврстување на телото, џит кун до ја зголемува самодовербата и може да ви се најде при проблем на улица, доколку сите други извори за решавање се исцрпени.
Каква боречка вештина е џит кун до? Офанзивна и агресивна или дефанзивна и одбранбена?
- Џит кун до претставува малку посложен микс од боречки вештини. Главно ги користи најприменливите техники од посебните вештини и боречки спортови, адаптирајќи ги за поекстремни ситуации во какви што може секој да западне на улица. Ќе кажам дека џит кун до не е одбранбена вештина. Во буквален превод значи „пресретнување на раката“, односно контранапад што всушност е основен принцип во оваа вештина.
Дали се потребни некакви физички и предиспозиции во однос на возраста за практикување на оваа боречка вештина?
- Во џит кун до нема ограничувања, тоа е и главната идеја на таткото на оваа вештина, Брус Ли. Принципите од оваа вештина помагаат и на тие помалку флексибилните, и тие помалку силните како и на повозрасните лица кои сакаат да спортуваат, правејќи ги подобри спортисти и борачи. Кај нас во клубот старосната граница се движи од 10 години, па се до нашиот најстар член, кој има околу 40 години. Може да ја практикува апсолутно секој независно од возраста, полот или која било друга пречка. Се додека тој/таа има желба и љубов кон боречките вештини.
Колку време активно се занимаваш со џит кун до и општо со боречки вештини?
- Со боречки вештини се занимавам веќе 10 години, почнав со џит кун до и се уште тоа го изучувам и вежбам. Во почетоците, бидејќи интернетот се уште не беше доволно развиен кај нас, беше тешко и многу скапо да видиме што и како се вежба во светот. Со мојот тренер и ментор СИФУ Ивица Алексовски, заедно со џит кун до ги изучувавме главно боксот, кикбоксот, вин чуто како и техники од самоодбрана. Во изминативе пет години, под водство на нашиот мајстор СИФУ Роберт Пармаковски и мојот тренер успеав да навлезам во суштината на џит кун до такво какво што го вежбал големиот мајстор Брус Ли, запознавајќи се и со бразилското џиу џицу, филипинските боречки вештини, како и со техниките и тактиките на ММА, односно мешани боречки вештини.
Од кои боречки вештини е комбинацијата џит кун до?
- Џит кун до е концепт на земање на најприменливото од другите боречки вештини, па таквото комбинирање може да биде индивидуална работа. Сепак, некои вештини се базата во овој систем, која секој добар џит кун до борец мора добро да ја познава. Основа е боксот и вин чу за рачните техники, ударите со нога се во основа од кикбоксот и тајландскиот бокс, техниките на земја, партер техники се од бразилско џиу џицу и борење, поофанзивните техники како и оружјето се од филипинските вештини итн.
Дали наоѓа практика џит кун до во уличната борба за одбрана од напаѓачи и дали ти си се нашол во ситуација да треба да ги користиш вештините?
- Џит кун до е концепт од вештини креиран токму за улична борба, издвоени се најбрзите, најефикасните и ако е неопходно најбруталните техники од боречките вештините. Еден од нашите принципи е „вежбам џит кун до за никогаш да не го употребам“. За мене лично, ми има помогнато во повеќе ситуации за кои и не сакам да зборувам, но најголемата придобивка според мене е тоа што ми дава поголема самодоверба, подобра способност да оценам ризична ситуација и со најмалку опасност да ја избегнам, заштитувајќи се себеси и тие околу мене. Гордоста и фалењето со своите вештини на улицата може да биде фатално и за најголемите борци.


