» Најкоментирани од последната недела:
» Најчитани од последната недела:
Останете во форма и покрај хотелската храна
10:00 | 18.08.2010 | Автор: Шпиц
Заминувањето на годишен одмор значи промена на темпото на живот, но најчесто тоа се манифестира со значителна промена на начинот на исхрана. Хотелската храна, особено „шведските маси“ и новите десерти за само десетина дена можат да го упропастат она што со вежбање и правилна исхрана сте го постигнале во изминатите месеци.
Од друга страна, сиромашната и нередовна храна, особено ако ги прескокнувате појадоците заради спиење по ноќните забави, сендвичите во автомобил или конзервите можат да ги стопат мускулите за кои сте вложиле многу време и труд.
За да ги избегнете овие несакани ефекти од промените за време на одморот, доволно е да се следат неколку упатства:
Ако сте од оние кои со голема мака успеале да ја зголемат мускулната маса и да добијат атлетски градено тело, освен што ќе уживате во погледите на минувачите на плажата, не заборавајте да се храните редовно и да бидете умерено активни. Задолжително појадувајте и ручајте. Изберете храна со доволно протеини. Дури и да сте се одлучиле за најнепопуларната храна, конзервите, тие нека бидат со туна или друга риба во комбинација со интегрален леб и големи салати. Избегнувајте го алкохолот, тој содржи многу празни калории и го уништува здравиот апетит. За страсните љубители на алкохолот, кои не можат целосно да го одбегнат, се препорачува црвено вино во вечерните часови или некој полесен коктел. Не земајте алкохол пред да зајде сонцето. Никако не опивајте се. Трезнењата проследени мамурлак, повраќање, дијареа, болки во главата и стомакот можат безмалку да ве „стопат“ за само неколку дена. Истото може да ви се случи и од јадење конзерви со поминат рок или сендвичи во сомнителни сендвичарници. Спијте барем осум часа. Неспиењето значително може да придонесе кон губење на мускулната маса. Освен тоа, бидете умерено активни, пливајте или забавувајте се со разни спортови на плажа.
Ако, пак, сте од оние кои имаат проблем со вишокот килограми, „шведските маси“ знаат да направат вистинска хаварија. Изобилството разновидна храна, која може да се јаде во неограничени количества, е тешко искушение. Па, сепак, не мора да гладувате за да ја задржите добрата форма. За појадок изберете белки од варени јајца, житарки, јогурт, овошје и кафе. Прескокнете ги руските салати, сланината, путерот, мармаладот и слично. За време на ручекот прескокнете го десертот или консумирајте го секој втор ден. Ако имате и можност да користите теретана во хотелот, само напред. Тренирајте, трчајте наутро на плажа или правете долги прошетки по секој оброк. Едно од важните упатства е не легнувајте да спиете веднаш по ручекот. Движете се барем 15-тина минути откако ќе јадете за да ја забрзате перисталтиката на цревата.
Доцните обилни вечери се најголемата закана за вашата вита става. Вечерајте многу умерено, ако пиете алкохол, исклучете ги аперитивите определете се за дигестиви. За десерт одберете овошје или сладолед. И гледајте се во огледало колку што е можно почесто. Ако сте доволно умерени, можете да се изненадите со уште подобра форма од онаа со која сте дошле на одмор.


