» Најкоментирани од последната недела:
Освежете ја гардеробата со модни додатоци
Флиц-волната е вистински избор за креативните дами кои сакаат својата гардероба да ја облагородат со уникатни детали што сами ги направиле, а оваа волница лесно се обликува и ја задржува формата
21:00 | 09.03.2010 | Автор: Шпиц
Доколку сте вешти во шиење или плетење, а облеката сакате да ја украсите со најубави детали, тоа можете да го направите со неколку украсни копчиња и волна.
Лентите можете да ги користите за освежување на парчињата кои ги имате или доколку сакате да си сошиете нов модел. Едноставно здолниште во А крој, или такво кое ја следи линијата на телото може да го збогатите така што што ќе сошиете неколку редови различни ленти. Почнете од самиот раб или десет сантиметри над него. На долните делови ставете темни ленти, а на задниот светли. Лентите можете да ги сошиете и на појасот. На панталоните лентите можете да ги вшиете на ногавиците или од страна преку страничните рабови. Ако шиете фустан, лентите се одличен украс. Памучните ленти задолжително исперете ги пред да ги употребите. За сатенските и кадифените ленти распрашајте се кај продавачите дали е дозволено да се перат или ќе мора задолжително да ги носите на хемиско чистење.
Флиц-волната е вистински избор за креативните дами кои сакаат својата гардероба или стан да ги облагородат со уникатни детали што сами ги направиле. Оваа волница лесно се обликува и ја задржува формата. Во ладна вода истурете неколку капки посебен лепак за текстил и добро испрскајте ја волницата. Со рацете може да го издвоите и од него да направите цвет или кој било друг облик, и оставете да се исуши. Лесно и брзо ќе добиете украсна чаша, украс за ламба или уникатен појас.
Со правилно одбрани копчиња може секое парче да изгледа штосно. Класичната кошула можете да ја освежите ако наместо старите копчиња сошиете нови со различна боја и поинаку дизајнирани. Еднобојното сако изгледа фантастично ако му додадете релјефни копчиња во атрактивна боја. Проверена е комбинацијата на копчиња во иста боја како и моделот, но бидете смели па изберете копче во контрастна боја. Оваа сезона се носат и големи детали, па слободно земете и еден модел со огромни копчиња.
Ако избирате патенти за елегантни здолништа или фустани, вистински избор е оној со скриени запци. Се шие во близина на надворешните краеви, па може да го вшиете ако имате специјална педала на машината за шиење. Патентите со метални запци се користат за џинсот и за спортската облека. Материјалите секогаш мора да бидат полни, како дебел кепер или кожа. Старинските копчиња повторно се во мода. Можете да ги ставите на сако, градник или џемпер, па ќе изгледате шик и елегантно. Се продаваат во неколку големини, но ви ги препорачуваме големите. Доминираат над цел модел и се доволен украс за едно парче облека. Тие се направени од свила, па лесно се вклопуваат со разни материјали.


