» Најкоментирани од последната недела:
» Најнови: Колумни
Бигелоу прва режисерка оскаровка
Со освоените шест Оскари, воената драма на Кетрин Бигелоу „Наредникот Џејмс“ убедливо го порази ривалот „Аватар“ на бившиот сопруг Џејмс Камерон
21:00 | 08.03.2010 | Автор: Шпиц
Режисерката на „Наредникот Џејмс“ Кетрин Бигелоу влезе во историјата на Оскарите освен со најдобар филм, и како прва жена режисер наградена од Американската филмска академија на 82. церемонија одржана во театарот „Кодак“ прексиноќа.
Нискобуџетната драма, која заработи 20 милиони долари на киноблагајните, покрај Оскарот за најдобар филм и режија, се закити и со „Златно момче“ за оригинално сценарио, монтажа, звук и монтажа на звукот. Заблагодарувајќи им се на актерите и на целата филмска екипа, таа го посвети Оскарот на американските војници во Ирак и во Авганистан.
- Ова навистина не може поинаку да се објасни освен како животен момент - рече Бигелоу во обраќањето, посакувајќи да биде „една од многуте“ жени-филмаџии кои во иднина ќе се закитат со награди.
Сценаристот Марк Боал истакна дека е особено среќен за наградата оти филмот бил сниман во време кога интересот за финансирање воени теми бил многу мал.
- Ова е остварување на неверојатен сон - земајќи го Оскарот за сценарио изјави Боал, новинар, кој престојувал со американските трупи во Ирак.
Со освоените шест Оскари, воената драма на режисерката Бигелоу убедливо го порази ривалот „Аватар“ на бившиот сопруг Џејмс Камерон. Научнофантастичниот „Аватар“, рекордер на киноблагајните со 2,5 милијарди долари, од деветте номинации доби само три Оскари: за камера, уметнички дизајн и за специјални ефекти.
Оскарот за главна женска улога во „Мртов агол“ го освои Сандра Булок портретирајќи жена која му помага на бездомно момче да влезе во фудбалската историја, а наградата за најдобра машка улога му припадна на Џеф Бриџис за улогата на пијан кантри-пејач во драмата „Лудо срце“. Тој со Оскарот кон небото им заблагодари на мртвите родители.
- Ви благодарам, мамо и тато, што ме воведовте во толку привлечна професија - изјави Бриџис.
Оскар за најдобра споредна женска улога доби Мо'Ник за улогата во филмот „Скапоцено“, кој освои Оскар и за најдобро адаптирано сценарио. Оскарот за најдобра машка споредна улога му припадна на Кристоф Валц за остварувањето во филмот „Неславни копилиња“, единствениот кој го освои последното дело на Тарантино.
Наградата за најдобар филм од неанглиско говорно подрачје ја освои аргентинската драма „Тајната во нивните очи“. За најдобар анимиран филм е прогласен „Нагоре“, кој освои и Оскар за оригинално сценарио.
Организаторите понудија динамично шоу со многу смеа од водителското дуо Алек Болдвин и Стив Мартин, а на удар беа секако ѕвездите во публика. На црвениот килим, пак, парадата пред наградите на фановите им ги наполни очите со раскошни тоалети од кои најгламурозни беа Сандра Булок, Камерон Дијаз и Зое Салдана.
Булок и најдобра и најлоша актерка
Само ден пред да се закити со Оскар за најдобра женска улога за филмот „Мртов агол“, Сандра Булок доби Златна малина за најлоша актерка на годината за улогата во филмот „Се за Стив“. Таа е единствена која имаше „среќа“ во иста година да ги добие и двете награди. Интересно беше што Булок, за разлика од големиот број „наградени“, се појави на свеченоста лично да ја прими Златната малина. Најлош филм е „Трансформерси: Одмазда на поразениот“, а најлоши актери се браќата Џонас од филмот „Браќата Џонас: 3-Д концертно искуство“. Најлош филм на деценијата е „Бојно поле Земја“, најлош актер на деценијата е Еди Марфи, а актерка Парис Хилтон. Златните малини се доделуваат еден ден пред Оскарите од 1980 година, како своевидна пародија на церемонијата.


