» Најкоментирани од последната недела:
» Најнови: Колумни
Бијонсе со најмногу Греми награди
12:15 | 01.02.2010 | Автор: МИА
Лос Анџелес, 1 февруари - Овогодиншното доделување на наградите „Греми“ ја одбележаа жените со своите спектакуларни настапи и бројни освоени награди и оддавањето почит на починатиот Мајкл Џексон, чија награда за животно дело ја зедоа неговите деца.
Поп ѕвездата Бијонсе е голем победник на годинешните Греми награди. На церемонијата во Лос Анџелес, Бијонсе, која имаше 10 номинации, освои вкупно шест награди, меѓу нив и за песната на годината „Single Ladies“.
Сензационални настапи имаа Бијонсе, Пинк, како и Лејди Гага која изведе импресивен дует со Елтон Џон, за време на кој двајцата свиреа на клавир еден спроти друг. Но, соло настапот на Лејди Гага беше во нејзин стил. Облечена во екстравагантен, блескав, зелен костум, пејачката го изведе својот хит „Poker Face“ со детално осмислена танцова точка користејќи пиротехника.
Победничка на вечерата е Бијонсе која се враќа дома со шест златни грамофони.
Бијонсе победи во категоријата песна на годината со својата „Single Ladies (Put a Ring on It)“. Покрај тоа, доби награди за најдобра женска поп изведба, најдобра R&B вокална изведба и најдобар современ R&B албум.
Уште една млада жена го одбележа 52-то доделување на наградите „Греми“, а станува збор за младата кантри пејачка Tејлор Свифт чиј талент е награден со четири Греми, вклучувајќи ја и наградата за албум на годината, која ја доби за „Fearless“.
Едно од поголемите изненадување на вечерта беше победата на рокерите King of Leon во пристижната категорија за снимка на годината во која се очекуваше дека ќе слави некоја „комерцијална“ ѕвезда. Нивната снимка „Use Somebody“ не беше фаворит затоа што многумина мислеа дека трите главни категории ќе се поделат меѓу трите главни „дами“ на вечерата: Бијонсе, Леjди Гага и Тејлор Свифт.
- Малку сме пијани, но сме весели пијаници, рече фронтменот на групата при земањето на наградата. Веселите рокери добија уште две награди за најдобра рок песна и рок соработка.
Разочарувањето на вечерата беше Лејди Гага, за која некои уште пред доделувањето рекоа дека нејзиниот голем успех дошол предоцна за да биде достојно награден на овогодишните Греми. Таа освои два златни грамофони во „помалку престижните“ категории за најдобра денс снимка и најдобар електронски/денс албум.
Моментот кој сите го очекуваа настапи кога на големиот екран беше пуштено видеото „Earth Song“, а сите во публиката ги ставија 3D очилата. Многумина сметаат дека пуштањето на филмот беше целосно промашување затоа што изгледаше како лоша реклама за DVD-то на Мајкл Џексон „This Is It“, а изведувачите кои пееја - Селин Дион, Џенифер Хадсон, Смоки Робинсон, Кери Андервуд и Ашер се обида да го поправат впечатокот. Потоа на сцената се качија децата на починатиот крал на поп музиката за да ја примат неговата награда за животно дело.
- Се гордееме што можеме да ја земеме наградата во име на нашиот татко, рече Принс Мајкл на кој гласот му трепереше.
- Татко ми требаше да биде тука и да настапува, бидејќи не можеше да настапи минатата година. Те сакаме тато, рече кусо ќерката на покојниот крал на поп музиката.
Награда за најдобар рок албум добија Green Day, кои ги победија U2 во истата категорија.
По првпат на Греми настапи Џон Бон Џови кој оваа година имаше само една номинација, но затоа настапуваше цели шест минути.
Канје Вест беше во улога на презентер и ја искористи приликата да ја истакне важноста за донирање за жртвите на земјотресот на Хаити. Приходот од продажбата на песната „Bridge Over Troubled Water“ кои ја изведоа Мери Џеј Блајџ и Андреа Бочели ќе оди за жртвите од земјотресот на Хаити.


