Дуле тажи по саканата

21:00 | 08.02.2010 | Автор: Шпиц

„Една ноќ на пијано ќе ти признаам дека ти си таа што ќе ја оженам, после тебе се е само лага шарена, а твое име пак на сон изговарам“. Ова е дел од „сликовитата“ лирика на патетичната балада на познатото естрадно дуо „Дуле и Коки“ насловена „Тоа веќе не сме ти и јас“.

Се претпоставува дека авторот на текстот Александар Митевски користел автобиографски елементи од интимниот живот на Душан Милосавлевиќ, кој по една година брак неодамна се разведе од 24-годишната скопјанка Санда Перковска.

Вокалистот на популарното дуо на ја исклучува таквата можност, но потенцира дека во ваква силна балада секој може да најде нешто што го допира. Со оваа балада Дуле и Коки го најавуваат својот нов албум, кој е во завршна фаза и треба да излезе оваа пролет. Момците, кои веќе долги години палат и жарат низ кафулињата и локалите низ Македонија, изјавиле дека новиот сингл ќе биде подарок за нивните фанови кои долго време не слушнале нова песна од дуото.

За оваа композиција со „Томато продукција“ неодамна беше реализиран мошне успешен видеоспот, кој ќе се емитува за дваесетина дена, по одржувањето на домашниот избор за евровизиски претставник.