» Најкоментирани од последната недела:
» Најчитани од последната недела:
Искусните и новите надежи на иста сцена
Поп-вечерта на Охрид-фест - Охридски трубадури ќе ја исполнат петнаесет нови нумери и најдобрите песни од Вечерта на нови ѕвезди, а најдобриот ќе пее на Интернационалната вечер.
Годинашниот претставник на Евровизија, Ѓоко Танески, и Наде Талевска, двајцата ексклузивци на „МНА продукција“, Биба Додева, Александар Белов се дел од имињата кои ќе настапат вечерва на Долни Сарај во Поп-вечерта на седумнаесеттото издание на интернационалниот музички фестивал Охрид-фест - Охридски трубадури.
На фестивалот кој почна синоќа со Вечерта на нови ѕвезди, Поп-вечерта ќе ја исполнат петнаесет нови нумери и најдобрите песни од Вечерта на нови ѕвезди, според гласовите на публиката, телевоутингот и Советот на фестивалот. Најдобриот изведувач според бројот на гласовите на телевоутингот директно ќе се пласира во Интернационалната вечер на фестивалот. Меѓу изведувачите се и Јане Дунимаглоски, Фани, Јасмина Димитровска, Адам Лабунски, група „Рафинерија“, Ристе Тевдоски, Цветанка Глигорова, Роберт Билбилов и Деана Николовска, Ксенија, „Скандал састаф“, Сања Ѓошевска.
На сцената Долни Сарај до сабота ќе ги видиме и Нино Величковски, Милица Кузмановска, Петар Нечовски во Фолк-вечерта, а на Интернационалната вечер ќе настапат и познати музички имиња како Елена Илијади од Грција, „Феминем“ од Хрватска, „Луна“ од Србија, Крум од Бугарија, како и учесници од Србија, Црна Гора, Словенија, Хрватска, Бугарија, Босна и Херцеговина, Албанија.
Билетите можат да се купат на плоштадот во Охрид и пред влезот на Долни Сарај. Цената е 150 денари, а 200 денари за Интернационална вечер. Со секоја влезница следува подарок цеде од „Мистер Компани“, а сите кои во нивниот дуќан во ГТЦ во Скопје ќе купат цеде, ќе добијат бесплатен билет за една од вечерите на Охрид-фест.


