Каписода се заканувал со самоубиство ако Пајчин го напушти

10:30 | 18.03.2010 | Автор: e-reporter

Црногорскиот манекен Филип Каписода (22), кој во вторникот беше пронајден мртов заедно со неговата девојка, српската пејачка Ксенија Пајчин (32), велел дека ќе се убие доколку Пајчин го напушти. „Ќе се убијам ако ме остави. Ја сакам најмногу на цел свет. Не можам да живеам без неа. Ќе се убијам“, плачејќи велел Каписода во неделата вечер пред зградата во која живеела Пајчин во Белград, раскажува најдобриот пријател на трагично настраданата пејачка, шоуменот Горан Стојичевиќ Карамела. Два дена подоцна, Каписода и Пајчин беа пронајдени мртви во станот на пејачката со прострелни рани во главите, а беше пронајден и пиштолот.
„Тоа беше огромна љубов, планираа да се венчаат. Ксенија многу го сакаше, но страшно и пречеше неговата љубомора. Поради тоа и го остави пред две недели, кога тој замина по работа во Германија. Каписода ми се јави 20 пати оттаму, беше несреќен и растроен“, раскажува Стојичевиќ.
Каписода тогаш му кажал дека Ксенија не му одговара на повиците. „Ќе се убијам ако не ми се врати“, му рекол Каписода, но Стојичевиќ вели дека не дал важност на таквото предупредување, затоа што „луѓето во моменти на очај кажуваат сешто“.
Стојичевиќ отишол кај Пајчин и разговарал со неа и ја наговарал да се смири со Каписода, затоа што никогаш никој не ја сакал толку.
Пајчин на тоа одговорила дека и таа го сака, но оти не може повеќе да ја поднесе неговата љубомора. „Ме гуши, не можам повеќе да го издржам тоа“, му одговорила Пајчин на Стојичевиќ, кој додава дека пејачката и манекенот сепак се смириле кога тој се вратил од Германија.
Нивната врска, како што сведочи Стојичевиќ повторно станала идилична. Два дена пред трагичниот настан, сите тројца биле гости на една од српските телевизии.
„Се шокирав кога истата вечер Пајчин ме повика итно да дојдам. Пред нејзината зграда затекнав полицајци кои си заминуваа и Каписода како плаче и вели дека не може да живее без Ксенија и оти ќе се убие“, раскажува Стојичевиќ. Подоцна во разговорот со пејачката, Пајчин му рекла дека не требало воопшто да се смири со него. По два дена мајката на пејачката ги пронајде мртвите тела на Пајчин и Каписода. Српските медиуми јавуваат дека најверојатно станува збор за убиство и самоубиство. Се претпоставува дека Каписода ја убил Пајчин, а потоа си го одзел и својот живот. Покрај неговото тело полицијата пронашла и пиштол, за кој Каписода немал дозвола.
Телата се предадени на обдукција, која треба да ги утврди начинот и времето кога настапила смртта.