Леди Гага освои три награди на „Брит авардс“

10:15 | 17.02.2010 | Автор: МИА


Лондон, 17 февруари (МИА) - Ексцентричната пејачка Леди Гага освои три од Британските музички награди - за најдобра пејачка, најдобар меѓународен албум и награда за пробив на меѓународната музичка сцена.

Леди Гага на доделувањето на „Брит авардс“ (Brit avards) се појави во бел костум и огромна перика. Таа со својата песна „Телефон“ му оддаде почит на починатиот креатор Александар МекКвин.

На овогодинешното доделување на „Брит авардс“ доминираа жените. Пејачката Лили Ален прогласена е за најдобра британска пејачка, додека Флоренс Велч позната под името „Флоренс анд д машин“ ја освои наградата за најдобар британски албум.

Роби Вилијамс е прогласен за британски пејач на годината, а Џеј Зи за најдобар меѓународен изведувач.

На 30-то доделување на Британските музички награди, групата Оезиз за албумот „Морнинг глори“ ја доби наградата за најдобар британски албум во последните три децении.

Спајс грлс добија специјална награда за најдобра британска изведба во последните 30 години за хитот „ВАнабе“ од 1997 година.