Сања Лефкова мистериозно исчезна од Македонија

21:00 | 09.03.2010 | Автор: Шпиц

Младата и атрактивна кочанчанка Сања Лефкова, која во изминатиот период беше актуелна со нејзиниот сингл „Пауза па плеј“, пред неколку месеци мистериозно исчезна од Македонија.
Како што дознаваме 23-годишната пејачка пред новогодишните празници по покана на нејзиниот колега Марјан Коцев заминала на турнеја низ Австралија. Нејзините најблиски откриваат дека прво биле планирани неколку настапи пред нашите иселеници во Австралија, но поради големиот интерес, а и завидно високата заработувачка Лефкова го продолжила својот престој на три месеци.
Нејзиното момче со кое е во двегодишна врска вели дека Сања настапила во сите поголеми градови, како Перт, Канбера, Сиднеј, Мелбурн и дека треба да се врати при крајот на март, по што ќе продолжи со свои настапи низ Италија.
- Разделени сме три месеци, но сепак ја разбирам и ја прифаќам нејзината професија и честите патувања бидејќи заработувачка во подалечните земји е неколку пати поголема од настапите кои би ги имала тука - коментира момчето на Лефкова.
Од новоформираната продукција „Македонски национални артисти“ каде што Лефкова беше најавена како нивен ексклузивец, велат дека таа при крајот на јануари требало да потпише договор за соработка, но поради нејзиното „мистериозно исчезнување“ не успеале да стапат во контакт со неа.