Тавитјанови по инспирација во Швајцарија и САД

По мини-турнејата браќата најавуваат објавување на соло-проекти за хрватскиот пазар, а есента е резервирана за настапи низ Европа.

09:00 | 23.08.2010 | Автор: Шпиц

Познатите џез-музичари, браќата Гаро и Диран Тавитјан со настапот на џез-фестивалот “Уверние”, кој од 27 до 29 август се одржува покрај езерото Нушател во Швајцарија, ја почнуваат серијата концерти низ познатите џез-клубови во светот. Веднаш по настапот во Швајцарија, Гаро и Дики придружени од басистот Горан Гешовски заминуваат во Њујорк, САД, каде имаат закажано дури три концерти во најпрестижниот џез-клуб “Блу ноут“, а ќе гостуваат и во џез-клубот “Ну блу” во Лос Анџелес. Диран Тавитјан вели дека на овие концерти ќе се претстават со нивниот бест-оф материјал, а пред тамошната публика ќе изведат и неколку нови теми. Покрај настапите во Њујорк и Лос Анџелес, Диран вели дека престојот во САД ќе го искористат да ги видат најголемите културни знаменитости, а посебна желба му е да го посети “Емпајр стејт билдинг”.-Најдрагоцени ми се ваквите патувања кога остануваме и по неколку дена за одблиску да ги запознаеме местата каде што престојуваме. Голем дел од овие патувања ни се инспирација за нашата музика, јас и брат ми сме луѓе кои буквално ја впиваат атмосферата и сето она што го среќаваме на патувањата. Пример за тоа е темата “Њујорк” за која музиката и видео-приказната ја направивме токму во овој град - коментира Диран и додава дека местата кои ги посетуваат најомилено место за рекреација му се парковите, езерата и реките. Тој открива дека по враќањето од мини-турнејата за издавачката куќа “Кроација рекордс” со која неодамна потпишаа десет-годишен договор, ќе ги објават за хрватскиот пазар соло-проектите "Treasure” на Диран и “Personal view” на Гаро Јуниор, на кои гостуваат познати музички имиња како Теодоси Спасов, Влатко Стефановски, Владимир Четкар, Андреа Палацо, Калиопи Букле. По мини-турнејата во САД, Тавитјанови во октомври ќе одржат концерт на Источноевропскиот џез фестивал во Лондон, кој годинава одбележува 200 години од раѓањето на Фредерик Шопен. Потоа следат настапи во Португалија, Хрватска, Австрија. За неколку недели Тавитјанови со продукцијата “Томато” на локации во Загреб и Скопје ќе го снимаат видео-записот за темата “Да сум бистра вода мајко” во изведба на Хари Варешановиќ.

“Македонското срце” добива продолжение

По објавувањето во 20.000 примероци на заедничкиот проект на Тавитјанови и најголемите балкански ѕвезди “Македонското срце чука во 7/8” за Хрватска во издание на “Кроација рекордс”, Тавитјанови откриваат дека српската продукција “Сити рекордс” ќе го реиздаде албум во 25.000 примероци наменети за Србија, Црна Гора и Македонија.-Во Македонија албумот беше продаден во 15.000 примероци, во Хрватска 20.000, што значи дека ова е најпродаваниот албум на македонски изведувачи во последните десет години, се разбира по Тоше Проевски – истакнува Диран.Тој открива дека постои можност и за втор дел на “Македонското срце” поради големиот интерес на балканските ѕвезди.-Добиваме барања од познати изведувачи како Кемал Монтено, Џибони, Бајага да се најдат на ваков албум со изведби на македонски песни, па во преговори сме да направиме продолжение на овој проект чија главна цел е да се промовира изворната македонска музика низ светот - потенцира Тавитјан.