Успешен старт на Модниот викенд

Со избор на свои дела, фотографии, инсталации, цртежи и графики, пред публиката се претставија познати модни уметници од Македонија

21:00 | 10.03.2010 | Автор: Душан Кировски

Изложбата во арт-галеријата „Мала станица“, со која прексиноќа се отвори Модниот викенд во Скопје претставуваше вистински празник на модата. Во присуство на познати личности од јавниот живот беа претставени голем број на модни фотографии, графики, инсталации, илустрации...
На групната изложба се претставија познати модни фотографи и стилисти од Македонија, заедно со студентите од Ликовната академија, Универзитетот ФОН, Европскиот и Металуршко-технолошкиот факултет. Дарко Мораитов на оригинален начин ја претстави својата инсталација, која претставуваше кукла во сребрена боја, облечена во вечерен фустан, изработен од изборот на различни колекции фотографии од опусот на Мораитов. Светски познатиот фотограф Фадиљ Бериша доби централно место со колекција во која доминираа портретите со цветни мотиви, оригинални фризури и шминка. Во портретите на Владо Георгиев беа искористени оригиналните шминки и фризури на стилистот Бубе од „Студио ин“. Лепа Георгиевска, пак, се претстави со фотографии на модели во долна облека, Сашко Манев со црно-бели фотографии со познатата македонска моделка Мартина Павловска, а Ани и Дими со оригинални дела од кои повеќето изработени во комбинација на црно-бела и колор техника. Студентите, чиј изложбен простор беше најпосетен, покажаа голем број графики, модни колажи, илустрации...
Модниот викенд ќе трае до 14 март. Настани ќе има во автосалонот на Ауди и Порше, а на 25 март е најавена презентацијата насловена како „Светот на женската форма“, што ќе се одржи во ателјето за современ моден простор на Росица Мршиќ.