Ватикан им ги прости „гревовите“ на Битлси

12:15 | 12.04.2010 | Автор: МИА

Ватикан и официјално им ги прости „гревовите“ на членовите на најславната англиска поп група „Битлси“, кои во шеесетите години од 20 век и на врвот од својата светска слава, се фалеа дека се повеќе популарни и од Исус Христос. Официјалното гласило на Светата столица, весникот „Осерваторе романо“, на насловната страница, објавува текст со пофалби за оваа музичка група, опростувајќи им ги моралните престапи, со благослов на папата Бенедикт, јави дописникот на МИА од Лондон.
Според лондонски „Дејли Телеграф“, кој го пренесува пишувањето на водечкиот весник на Ватикан, „Битлсите“ се дрогирале, живееле неморално, објавувале тајни пораки кои можеби биле и сатанистички, што ги прави да бидат лош пример за младите, но тие, сепак, не биле ниту најлошите од своето време.
Британскиот весник забележува дека ваквите пофалби ќе изненадат многу католици, затоа што е добро познато дека членовите на оваа музичка група, ги имаат јавно критикувано организираните религии.
Џон Ленон ги шокираше католичката црква и нејзните верници со изјавата дека „Битлси“ се повеќе популарни од Исус и дека не знае што побрзо ќе исчезне, христијанството како религија или рокенролот. Пол Макартни и сега покојниот Џорџ Харисон, беа крстени како католици, но тие никогаш не беа верници, а тоа сега може и сега да се рече за Макартни, додека тапанарот на групата Ринго Стар, дури од неодамна признава дека најпосле го открил Господ.

Тагови (карактеристични поими за веста):
|