» Најкоментирани од последната недела:
» Најнови: Колумни
Аеродром - протест на пазарџиите
Продавачите од „дивиот пазар“ во Аеродром, лоциран меѓу поликлиниката „Јане Сандански“ и црквата „Св. Илија“, денеска го блокираа сообраќајот на улицата „Трета македонска ударна бригада“ и пред зградата на општината, со барање да се легализира пазарот или да им се овозможи да продаваат на друга локација.
Марина Божиновска, продавач на овој пазар изјави дека пред три години од општина Аеродром имало распишано конкурс за тезги, по што уплатиле по 8.400 денари за тезга. Но, од градоначалникот на Аеродром Ивица Коневски подоцна биле информирани дека пазарот не е предвиден со ДУП-от. Божиновска вели дека се работи за околу 100-тина пазарџи, главно од Горно и Долно Лисиче, производители на земјоделски производи, кои бараат, доколку не може на „дивиот пазар“ да ги сместат на друга соодветна локација.
Таа посочи дека на 23 април лани, на пазарот дошла Пазарна инспекција и им напишала пријави. Од Коневски добиле ветување да почекаат до септември. - Но, Коневски сега не сака да не прими во општината на разговор. Ние веќе три недели штрајкуваме пред општината, а денеска прв ден ја блокираме „Трета македонска ударна бригада“, а ќе бидеме тука и утре, рече Божиновска и најави дека ако треба ќе протестираат и пред Владата.
Пазарџиите тврдат дека за денешниот протест поднеле барање до полицијата и најавија доколку не ги прими градоначалникот Коневски, протестот ќе го продолжат и утре, од 8 до 10 часот, на локација која дополнително ќе ја утврдат. Најавија протести и за следната седмица, на булеварот „Јане Сандански“.
Од општина Аеродром, за денешниот протест информираат дека за продавачите на земјоделски производи на импровизирани тезги на локацијата кај поликлиниката „Јане Сандански“, нивниот став е непроменет.
- Изградба на пазар на оваа локација не е можна, бидејќи на истата нема технички услови, ниту пак, е во согласност со ДУП-от и ГУП-от на Град Скопје. Продажбата на земјоделски производи овие лица може да ја вршат на двата легални пазара во општина Аеродром, кај трговските центри „Бисер“ и „Скопјанка“, на кои има слободни тезги, бидејќи околу 30 отсто од капацитетот на овие пазари не е искористен, велат во општина Аеродром.
За уплатените 8.400 денари за наем на тезга, истакнуваат дека 90 отсто од парите им се вратени на пазарџиите.
Според општинските власти, очигледно, протестот не е поради немање простор за продажба, ниту е од егзистенцијален карактер, туку од некоја друга природа.


