» Најкоментирани од последната недела:
» Најчитани од последната недела:
Донација на опрема вредна 85.000 евра за Воено-медицинскиот центар
17:30 | 18.02.2010 | Автор: МИА
Скопје, 18 февруари - Во Воено-медицинскиот центар во Скопје денеска е извршено примопредавање на донација за реконструираниот дел од Центарот за медицинска обука кој е дел од формациската структура на ВМЦ.
На свеченоста присуствуваа министерот за одбрана Зоран Коњановски, началникот на ГШ на АРМ генерал-потполковник Мирослав Стојановски и амбасадорите на земјите донатори во Република Македонија - Холандија, Норвешка и Швајцарија, Симоне Филипини, Кјетил Паулсен и Никол Вирш.
Донацијата за Центарот е во вкупна вредност од околу 85.000 евра од кои Швајцарија учествува со 55.000, а Норвешка и Холандија со 30.000 евра.
Министерот Коњановски изрази благодарност за долгогодишната и несебична помош што ја даваат овие три земји.
- Сепак, најзаслужни се вработените во Центарот кои несебично и со посебно залагање успеаја да го издигнат до вакво рамниште, потенцира Коњановски, додавајќи оти ова ќе претставува и поттик за понатамошните декларирани посложени мисии како што е РОЛЕ 2 за медицински персонал за лесноманеварска полска болница.
Токму овие сали, но и други кои ќе бидат изградени, посочи Коњановски, ќе бидат услов тој да се промовира во Регионален центар за обука. Овој Центар претставува сегмент на севкупниот тренинг-систем на АРМ, а многубројните обуки изведувани од високостручниот и структурски кадар, нагласи Коњановски, успешно ги завршуваат припадниците на АРМ за што добиваат највисоки признанија.
Амбасадорот на Норвешка Паулсен без коментар во врска со вчерашната изјава на министерот за надворешни работи Антонио Милошоски дека за Македонија би било добро ако високи европски авторитети се ангажираат во спорот за името.
- Норвешка и Македонија имаат блиска соработка на полето на одбраната и безбедноста и даваме силна поддршка на амбициите на Македонија да стане членка на НАТО, рече амбасадорот Паулсен.
Амбасадорот на Холандија Филипини по истото прашање нагласи дека не е на нив да најдат решение, но оти меѓународната заедница дава силна поддршка за членството на Македонија во НАТО и ЕУ. Според неа, Македонија и Грција треба да се лидери по ова прашање и конечно треба да најдат итно решение затоа што, „одлагањето не е добро ниту за регионот, ниту за Македонија и Грција, но и за ЕУ и НАТО бидејќи потребни ни сте во овие организации“.
Македонија не е заборавена од меѓународната заедница, за што сведочат денешните посети од европски делегации, како и од еврокомесарот за проширување Штефан Фуле, рече амбасадорката Филипини и ја најави посетата на две НАТО делегации во март, како и можност генералниот секретар на НАТО Андрес Фог Расмусен да ја посети Македонија.


