Кому му е гајле за базените?

Пливачките клубови се незадоволни од начинот на кој се стопанисуваат базените

21:00 | 10.03.2010 | Автор: Шпиц

Од вчера со Олимписки базен управуваат Стефан Пулејковски и ватерполо-клубот „Работнички“, откако концесионерот Мијалчо Маневски им ги дал под наем. Новите потконцесионери веднаш воведоа нов ценовник, според кој на рекреативците им се наплаќа влезница од 200 денари за час, за организираните групи е 120 денари, а спортистите и децата од пливачките клубови, наместо 50 денари како досега, ќе плаќаат 100 денари.
Маријан Соколовски, тренер на пливачкиот клуб „Акватик“, вели дека ова води кон тотално уништување на овој спорт.
- Ова е вистински грабеж. Сега активен пливач, кој тренира по 12 пати неделно, месечно ќе треба да одвојува околу 5.000 денари само за пливање - вели тој.
Новите управители направиле и нов распоред, според кој, само 8 од постоечките 16 пливачки клубови ќе имаат термин за тренинг.
Дека пливањето е запоставен спорт покажува и фактот што осум години пливачите во зима тренираат во никакви услови. Во двата базена „Младост“ и „Олимписки“ температурата на водата наместо до 26, се затоплува до 24 степени, гардеробите се ладни, а во „Олимписки“ функционира само малиот базен.
- Во зима, од 50 деца, на тренинзи остануваат десетина. Во базените де има вода, де нема. Во гардеробите не се затоплува, водата е ладна и децата се разболуваат - се жали Соколовски.
Поради лошите услови во базените, тренерите се принудени децата од клубовите пред важни натпревари да ги носат на тренинзи во соседните земји. Притоа, трошокот за патот, сместувањето и резервирањето термини паѓа на товар на родителите.
Тренерите ја прашуваат владата каде се базените кои таа ги најавуваше во својата кампања според која требаше да се изградат девет нови базени, од кои два во Скопје. Владата вети еден 25-метарски и еден 50-метарски базен. На местото претходно предвидено за базен во населбата Ново Лисиче, пред неколку дена се поставија темели за четири фудбалски игралишта. За да се изгради базен според сите стандарди потребни се околу 10 милиони евра, а за фудбалските игралишта и за спортските сали потреби се многу помалку пари, коментираат пливачките тренери.
Тренерите и децата се беспомошни пред политиката на надлежните субјекти, кои не гледаат профит од овој спорт и поради тоа не се заинтересирани да вложуваат во него.
- Единствено пливањето е спорт за сите возрасти, а особено е добар за децата за исправање на разни деформитети, за психофизички и за психомоторен развој. Секаде во светот зад вакви објекти стои државата. Во Србија, 50 отсто од пливачките клубови имаат бесплатни термини. Таму државата свесно оди во губиток, бидејќи знае дека овој спорт вреди - велат пливачките тренери.

Нема ни стипендија за талентите

Од декември лани, четирите пливачки клубови и 500 талентирани деца за спорт не ја добиле стипендијата што им следува од Агенцијата за млади и за спорт. Од Агенцијата велат дека поради преселбата на трезорскиот систем на Министерството за финансии од една на друга локација, трансакциите се одложени за краток период. Тие најавуваат дека парите ќе ги исплатат најдоцна до следната недела.