» Најкоментирани од последната недела:
» Најнови: Колумни
Нема паркинг кај кругот
Ако сопственикот на возилото дојде додека трае подигањето на возилото, ќе плати 1.200 денари казна
21:00 | 08.03.2010 | Автор: Шпиц
Три дена по ред минатата недела Пајак-службата по два пати дневно собираше возила паркирани околу кружниот тек во Дебар Маало. На граѓаните не им е јасно дали околу познатото крукче е дозволено или не да се паркираат возила воопшто или само во еден ред. Затоа, таму се уште се паркираат возила, а пајакот ги собира без пардон. Дилемите ги расчисти портпаролката на ЈП „Градски паркинг“.
- Паркирање или запирање возило на кружен тек не е дозволено, ниту во еден, ниту во два реда, во ниту еден случај - вели Ана Витановска, портпарол на „Градски паркинг“.
Таа се повикува на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, член 66, каде што пишува дека паркирање, односно запирање возило на раскрсница не е дозволено. А кружниот тек е крстосница, која има само поинакво геометриско уредување.
Пајак-службата собира возила по налог од сообраќаен полицаец, комунален инспектор-редар или пак по барање на граѓаните.
- Без уредно пополнет налог за подигање на неправилно запрено или паркирано возило од овие институции, лице вработено во претпријатието не може да отстрани возило од јавна површина. Од јавна сообраќајна површина, возилото се отстранува по налог од сообраќајна полиција и услугата која треба да ја плати граѓанинот изнесува 2.000 денари или 1.200 денари ако сопственикот на возилото се најде на самото место додека трае подигањето на возилото - објаснува Витановска.
Ако возилото е непрописно запрено или паркирано на јавна зелена површина или близу до контејнер, оддалечено помалку од 10 метри, се плаќа казна од 3.500 денари. Од нив 1.500 денари одат на сметка на ЈП „Паркови и зеленило“ за обнова на зелената површина во градот.
При подигање, возилата се фотографираат од сите страни за да му се докаже на сопственикот дека непрописно го паркирал возилото.
- Но, возила кои се правилно запрени или паркирани може да бидат преместени или отстранети од безбедносни причини, градежни работи или чистење траса за странски државници и во овој случај услугата не се наплаќа. Месечно 700 до 1.000 возила се преместуваат од безбедносни причини - вели Витановска.
Пајакот заработил скоро 560.000 евра
Пајак-службата лани заработила 34.014.940 денари, односно речиси 560.000 евра. Од нив 95.940 денари отпаѓаат на услуги што секторот Пајак ги направил по барање на трети лица како што се извршители, ЈП за аеродромски услуги, Топлификација итн.
Само приходот од кренати возила по налог на сообраќајна полиција и комунална инспекција изнесува 33.919.000 денари. Од овој износ се одземаат трошоци за масло, бензин за возилата на службата, за нивно одржување, хидраулика, резервни делови, ХТЗ-опрема за вработените, плати, како и делот за ЈП „Паркови и зеленило“.


