Од 1 април летни тераси

Угостителите се надеваат дека одлуката за летните тераси нема да биде првоаприлска шега

21:00 | 07.03.2010 | Автор: Шпиц

За неполн месец ќе почне сезоната за поставување на летните тераси пред угостителските објекти, а градот и општините се уште не ги донеле одлуките во кои се прецизирани прописите за нивното поставување. Според тоа, и угостителите се уште не се запознаени со новите прописи за поставување урбана опрема, иако планираат со првото сонце да ги извадат масите и столовите.
Од општина Центар информираат дека угостителите законски ќе можат да ги отворат своите летни тераси од 1 април, а предлог-одлуката за поставување урбана опрема ќе се разгледува на следната седница.
Угостителите ќе мора да причекаат до тогаш и велат дека отпосле ќе се приспособуваат или ќе реагираат на новата одлука на градските власти.
- Не сум запознаен со новиот правилник. Би било добро да се издаваат дозволи кои ќе траат цела година, а ние за тоа ќе си платиме. Да, постои и нацрт за тоа како ќе изгледаат масите и столовите и како ќе бидат поставени. Треба да се изрегулира поставувањето на тендите. Во тој случај нема да се јавуваат проблеми - вели Евто Пејовски, менаџер на ресторанот „Ања“.
Со новата предлог-одлука за летните тераси, Градот ќе ги стави под строг режим. Тоа ќе значи дека угостителите пред локалите единствено ќе можат да поставуваат само лесно подвижни маси, столови, жардиниери, чадори и тенди, кои ќе мора да бидат усогласени по боја и облик. Со новиот правилник се забранува закачување најлони и изградба на платформи пред кафулињата. Ако масите се поставуваат на тротоари, треба да се остави простор од 1,5 метри за пешаци, а во центарот и до 2,5 метри.
Дозвола веќе нема да се зема и од Градот и од општината, како што беше регулирано до сега, туку само од Градот ако локалот се наоѓа на површина под градска надлежност или од општината ако се наоѓа на нејзино земјиште.