» Најкоментирани од последната недела:
» Најчитани од последната недела:
Падна блокадата на фирмите
Градот Скопје од вчера почна да ги деблокира сметките за неплатена фирмарина на сите должници. Станува збор за 27.329 обврзници, кои фирмарината ја немаат платено од 2006 до 2008 година. Исто така, градот ја одложи присилната наплата на фирмарината до 30 април годинава.
Ова вчера го објави градоначалникот Коце Трајановски и истакна дека градот веднаш ќе ги извести банките за одблокирање на сметките.
Трајановски најави дека ќе поднесе и законодавна иницијатива за измена на Законот за комуналните такси.
- Таксата за фирма како јавна давачка би се утврдила сразмерно на економските ефекти кои ги остваруваат фирмите, но измените нема да важат ретроактивно - рече Трајановски.
На сите фирми кои ги немаат подмирено своите обврски за претходните три години им се остава можност долгот да го платат на три рати.
Од вкупно 42.828 регистрирани обврзници за плаќање фирмарина, 15.499 или 36 отсто редовно ја подмируваат обврската кон градот и општините, а 27.329 обврзници, односно 63 отсто, фирмарината ја немаат платено за три, односно за две години.
Градоначалникот Трајановски рече дека ќе му предложи на Советот на градот да донесе одлука со која ќе се изврши отпис на побарувањата по основ на комунална такса настанати до 2006 година. Во согласност со Законот за данок на имот, присилно ќе се наплатат долговите со блокирање на сметките на обврзниците ако должниците не ги подмират долговите во предвидениот рок, иако за тоа биле информирани.
Комуналните такси или фирмарините се приходи на Град Скопје и на скопските општини.


