По десет години културниот центар „Точка“ исчезнува

Вработените кои веќе се селат од „Точка“ се жалат дека во овие десет години колку што работат како независен центар, од државата не добиле ниту денар

21:00 | 09.03.2010 | Автор: Шпиц

Културниот центар „Точка“ ќе престане со работа поради истекување на договорот за наем на просторија. Министерството за одбрана, кој е сопственик на просториите, не им го продолжува договорот, а Градот не покажува интерес за да им обезбеди друга локација.
Вработените кои веќе се селат од „Точка“ се жалат дека во овие десет години колку што работат како независен центар, од државата не добиле ниту денар, а опстоиле и ги намирувале сите трошоци со странски инвестиции. Тие тврдат дека без помош за простории мали се шансите да продолжат со работа.
Никола Гелевски, еден од основачите на „Точка“, вели дека иако во светот и во сите балкански градови тренд е да се негува и да се финансира независната културна сцена, кај нас, смета тој, се играат перфидни игри и се трошат пари за идиотски манифестации.
- „Точка“ ќе исчезне. Нема шанси да опстанеме, немаме пари, а државата нема интерес да финансира културни центри. Оваа власт сака се да контролира и затоа не им одговара независна сцена - реагира Гелевски. Министерството за одбрана предвидува оваа локација да ја стави на користење за сопствени цели или, пак, да ја даде на користење на друго министерство или на некој друг државен орган.
Оттаму велат дека доколку одлучат овие простории да ги дадат под закуп, тоа ќе биде преку јавен оглас и со јавно наддавање.
- Досегашниот закупец нема никаква правна привилегија за закуп на просторијата, тоа е спротивно на законот - вели портпаролот на министерството, Сашко Димов.
На целата територија на Скопје постои само уште еден независен културен центар, кој постои веќе три години. Сместен е во приватна куќа на улицата Илинденска и се финансира и плаќа кирија единствено од сопствени проекти.
- Немаме никаква институционална поддршка. Најголем дел опстојуваме поради ентузијазмот и волонтерите кои не добиваат никаков надомест - вели Русе Арсов од културниот центар „ЦК“.