Скопје 2014 година пр.н.е.

Триесетина нови архитектонски решенија ќе ги заокружат плоштадот Македонија и бреговите на Вардар.

21:45 | 04.02.2010 | Автор: Шпиц

На плоштадот Македонија вчера почна да се заградува делот каде што ќе се гради фонтана врз која ќе стои споменикот на Александар Велики. Се очекува фонтаната да биде завршена за една година, но ќе биде пуштена во употреба без споменикот бидејќи тој ќе стаса подоцна. Веќе се поставени два постамента за спомениците на Гоце Делчев и на Даме Груев, а наскоро ќе се стават и постаментите за двата лава на мостот Гоце Делчев.

Владата вчера на јавноста и презентираше визуализација на сите нови архитектонски содржини што ќе го изградат новиот лик на Скопје до 2014 година.

Според презентерите на проектот, министерката за култура Елизабета Канчевска-Милевска и градоначалниците Коце Трајановски и Владимир Тодоровиќ, Скопје треба да подлежи на естетски промени, и до 2014 година да прерасне во вистинска современа метропола.

- Скопјани, по 90 години, конечно ќе можат да уживаат во новиот естетски обликуван градски плоштад - истакна министерката Милевска, при што нагласи дека економската оправданост бил единствениот одлучувачки критериум во реализирањето на сите архитектонски проекти.
Презентерите сметаат дека со планираните објекти Скопје ќе стане град со препознатливи симболи, кои ќе го означат почетокот на новото битисување на градот.

- Не треба да чекаме да му се случи нов земјотрес на Скопје за повторно да го изградиме - посочи градоначалникот на општина Центар, Владимир Тодоровиќ.

Според проектот Скопје 2014, центарот ќе го краси Портата на македонската независност, чија изведба ќе оди паралелно со изградбата на фонтаната. Ќе се постават мермерни изданија на Ченто, Цар Самоил, Јустинијан Први и бронзени споменици на Кирил и Методиј, Климент Охридски, паднатите борци од НОБ...
Сите згради на плоштадот ќе добијат нови фасади за да се вклопат во новиот стил. Десно од стариот Офицерски дом што ќе се обнови се планира хотел, а лево до Вардар, ќе стои куќата на градоначалникот на Скопје и новата матична служба. Од другата страна на Вардар веќе се градат стариот театар и Музејот на македонската борба.

На левата страна на брегот на Вардар ќе се наоѓаат повеќе зданија во кои ќе се сместат Уставниот суд, Државниот архив и Археолошкиот музеј. До нив ќе се гради објект на Агенцијата за електронски комуникации, зграда на МНР, како и на Јавното обвинителство и на Финансиската полиција.

Во визиите за Скопје до 2014 година се гледа и црквата „Св. Константин и Елена“ на плоштадот.
Зградата на парламентот ќе се надградува со уште еден кат над кој ќе бидат поставени куполи. Пред Собранието ќе има споменик на коњаник, а во паркот Жена-борец уште еден голем споменик.

Визионерите предвиделе подземни паркинг-места и изградба на осум катни гаражи, како и проект за каскадно решение за реката Вардар, со што во летните месеци не би се гледало дното на реката.
И покрај тоа што авторите истакнуваат дека со урбанистичкото заокружување на централното градско подрачје, Скопје ќе доживее естетска преродба, сите предлози предизвикаа остри реакции од стручната јавност, која овие архитектонски решенија ги квалификуваше како несоодветни на времето и околината.