» Најкоментирани од последната недела:
» Најчитани од последната недела:
Скопската почва загадена со тешки метали
Почвата во скопската околина е загадена со олово, цинк, бакар, никел, хром, арсен, кадмиум, а околу фабриката „Охис“ е забележано специфично присуство на жива
21:15 | 02.03.2010 | Автор: Шпиц
Скопските полиња се загадени со тешки токсични метали, покажуваат резултатите од Извештајот на секторот за заштита на животната средина на град Скопје направени во 2009 година. Почвата на која се одгледуваат земјоделски култури во скопските села, но и во урбаниот дел, содржи олово, цинк, бакар, никел, хром, арсен, кадмиум, а во делот околу фабриката „Охис“ е забележано специфично присуство на жива.
Во последното истражување за квалитетот на почвата, спроведено минатата година, откриени се содржини на арсен на три подрачја во градот, и тоа со вредности два-три пати повисоки од дозволеното. Тоа е почвата околу фабриката „Охис“, Горно и Долно Лисиче, Драчево, Огњанци, околу „Рудници и железарница“, меѓу населбата Ченто, Стајковци, Црешево, Брњарци и подрачјето околу „Окта“. Концентрации на арсен се забележани и во Чаир, во близина на Железничката станица, во населбите Пролет и Железара, кај хотелот „Панорама“ и уште во некои делови. Од извештајот може да се забележи дека околу сообраќајниците во Центар, Цементара, Железара, Бутел, Автокоманда, Маџари, Долно Лисиче, Орешани, Катланово, Рудине, Горно Оризари, Лепенец, „Охис“ и на потегот Скопје - Велес е присутна концентрација на кадмиум.
Урбанизацијата, развојот на сообраќајот, индустријата, како и натрупаниот опасен технолошки отпад и интензивното прскање на земјоделските производи со хемиски средства се наведени како причина за загадување на воздухот, водите и почвите во Скопје.
Резултатите кажуваат дека во полињата кои се наоѓаат покрај пофреквентни сообраќајници, концентрацијата на олово е 10 пати поголема од дозволеното.
Во геохемискиот мониторинг, кој Секторот за заштита на животната средина го спроведе во 2007 година, исто така беа опфатени урбаните делови на Скопје и местата на потегот од Рашче до Катланово, во почвата во Рашче, Кучково, Кондово, Сарај, Бардовци, Горно Оризари, Радишани, Црешево, Стајковци, Арачиново, Трубарево, Горно Лисиче, Усје, Студеничани, Петровец, Кадино, Миладиновци, Агино Село, Огњанци, Орешани, Ржаничино и Катланово.
Констатирано е присуство на олово кај одводниот канал на Цементарница, кај МЗТ, Железара и на врвот на Водно, а во Железара, Автокоманда и кај Рафинерија е забележано присуство на цинк. Количеството на бакар во сите овие места е два до три пати поголемо од дозволеното, освен на подрачјето на Визбегово и Бардовци. Цело Скопско Поле, освен површините околу Арачиново, Смилковци и Стајковци, се загадени и со концентрации на никел. Речиси целата скопска почва е загадена со хром, и тоа до пет пати повеќе од максимално дозволените граници.
До 2007 година, пред да почне проектот на Град Скопје за геохемиски мониторинг, скопските почви воопшто не биле предмет на редовни истражувања. Поради тоа, во земјава се уште не е донесен закон со кој би се определиле граничните вредности на концентрацијата на тешки метали во почвата, кој ќе се стави во функција за заштита на човековото здравје и на животната средина. Во услови кога нема правна регулатива, при истражувањата се користени словенечки и бугарски нормативи, а заштитата на почвите во земјава се регулира со закони кои се однесуваат на заштита на природата, животната средина, земјоделското земјиште и други.


