Трајановски: Град Скопје го поддржува „Скопје 2014“

16:00 | 09.02.2010 | Автор: МИА

Градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски денеска на прес-конференција информира дека го поддржуваат проектот „Скопје 2014“ и оти ќе учествуваат во неговата реализација со обнова на фасадите во централното градско подрачје и со замена на оградите на мостот „Гоце Делчев“ и на мостовите кај хотелот „Холидеј Ин“ и кај комплексот банки.

Со проектот „Скопје 2014“, како што рече, централното градско подрачје ќе добие нов изглед и нови содржини, со кои Скопје ќе биде препознатливо и ќе стане метропола.
- Градбите ќе ја отсликуваат традицијата и културата во Република Македонија, а на архитектите, уметниците и скулпторите од нашата држава ќе им се овозможи да дојдат до израз, рече Трајановски.
Со обнова на фасадите во централното градско подрачје, како што најави, ќе се почне при крајот на оваа или на почетокот на следната година.
- Инвестицијата ќе биде неколкугодишна. Во првата фаза планираме да инвестираме од 15 до 20 милиони денари, рече Трајановски и додаде оти за почеток се планира обнова на два објекти, зградите околу ресторанот „Дал Мет Фу“ и кафулето „Тренд“.

Прашан дали смета дека државата е мултиетничка и кои од спомениците што се презентирани претставуваат мултиетничност, Трајановски рече дека Македонија е мултиетничка држвата. - Овој проект не е завршен, ќе се проширува, надоградува и има простор да се вклопат сите оние нешта кои не биле вклопени до сега, рече Трајановски и додаде оти скопскиот плоштад најдоцна се оформува.

На прашањето до каде е враќањето на коцката на плоштадот, Трајановски одговори дека коцката ќе се врати откако ќе завршат сите работи кои се предвидени со ДУП-от, а пред се подземната гаража и подземниот коридор, што ќе тргнува од крајот на булеварот „Партизански одреди“ до комплексот банки.

- Коцката нема да се врати со изградбата на фонтаната, рече Трајановски.

Градоначалникот на општина Центар, Владимир Тодоровиќ, кој присуствуваше на прес-конференцијата, прашан што точно се отстранува од градскиот плоштад за изградба на фонтаната, рече дека се дислоцира подземна инсталација, колектор за отопадни и атмосферски води, електрична и водоводна инсталација.

Тодоровиќ рече дека споменикот на Александар Македонски ќе биде поставен во втората половина на 2011 година бидејќи, во моментов како што кажа, се работи на негово зголемување. - Дел од спомениците, четири или пет, ќе пристигнат во текот на 2010 година, во зависност од тоа како се завршуваат, рече Тодоровиќ.

На прашањето за изградба на Бурмали џамија, Тодоровиќ рече дека веќе еднаш имало иницијатива која била поднесена до Советот на општина Центар, но не била прифатена од советниците. - Ќе се обидам таа да влезе на дневен ред и по таа иницијатива членовите на Советот да расправаат и да донесат одлука, рече Тодоровиќ.