» Најкоментирани од последната недела:
» Најчитани од последната недела:
Вардар да спадне, фонтани ќе бликнат
Двете фонтани што ќе се градат во реката Вардар ќе чинат околу 160.000 евра
Десет милиони денари, или околу 160.000 евра ќе чинат двете фонтани што ќе се градат во реката Вардар од двете страни на Камениот мост. Општина Центар, која е инвеститор на овој проект, досега и исплатила 20 проценти од парите на италијанската фирма „Ла Моне Мореда“, која ќе ги изведува градежните работи на фонтаните. Преостанатите пари фирмата ќе ги добие откако ќе заврши изградбата на водоскоците.
- Според договорот, на фирмата и се исплатени 20 проценти аванс со банкарска гаранција, а остатокот ќе се исплати по извршената работа - информираат од општина Центар.
Оттаму тврдат дека нивната изградба ќе почне веднаш штом ќе се намали водостојот на реката Вардар, поточно кон крајот на месец јуни и почетокот на јули.
Планирано е двете фонтани да бидат сосема идентични. Ќе бидат сместени во средината на Вардар, а од нив ќе се распрскува вода. Фонтаните нема да се гледаат бидејќи ќе бидат поставени на дното на реката. Ќе работат на принцип на бунари со кои ќе се прочистува водата, а ќе имаат кружна форма. Во средината ќе има цевка, која ќе испушта млаз висок 20 метри, а од страната ќе има осум помали цевки, кои ќе испуштаат млазеви високи седум метри. Надвор од реката ќе се гледаат само млазевите кои ќе бидат осветлени со подводни рефлектори.
Изградбата на фонтаните која требаше да почне уште минатото лето беше одложена поради водостојот на реката. Рокот за изградба е седум месеци од почетокот на теренската работа, за кој изведувачот потпишал гаранција дека ќе го испочитува.


