Воспитувачките на протест пред невоспитаните

21:00 | 17.03.2010 | Автор: Шпиц
Министерството за труд и социјала деновиве ќе ја скенира состојбата со вработените во градинките за да утврди дали нивниот број ги задоволува потребите на детските установи. Ова им беше речено на воспитувачките, негувателките и техничкиот персонал од градинките во Карпош, Чаир, Струмица, Куманово и во Охрид, кои вчера протестираа пред ресорното министерство и побараа да им се реши работниот однос, поголеми плати и покривање на храна и превоз.
По едночасовен разговор со министерот Џељај Бајрами, претставниците на штрајкувачкиот одбор излегоа незадоволни, зашто не им понудил конкретно решение. Тие најавија дека штрајкот во градинките ќе продолжи и дека повторно ќе излезат пред министерството.
- Добивме ветување дека на дел од оние со договор на дело ќе им се реши статусот, но не можеме да се сложиме со тоа, зашто не е во ред само половина од нас да добијат решение - рече Елена Затковска, претставник на штрајкувачкиот одбор.
„Ранете ги вие вашите деца со 2.900 денари“, „Место камени споменици градете жива иднина“ беа дел од пораките упатени до владата.