Федерер го прекина постот со триумф во Синсинати

Светскиот рекет број 2 со победата во финалето над Марди Фиш (6-7, 7-6, 6-4) ја освои првата титула по Отвореното првенство на Австралија во почетокот на годинава.

10:00 | 24.08.2010 | Автор: Шпиц
Светскиот рекет број 2 Роже Федерер успеа да го прекине седуммесечниот пост без ниту една освоена титула со триумф на турнирот од мастерс-серијата во Синсинати. Швајцарскиот ас во финалето на престижниот турнир успеа да се врати во игра и да го надмине дефицитот од првиот сет, па на крајот да слави над Марди Фиш од САД со 6-7, 7-6, 6-4. Играјќи го 90. финале во кариерата, со победата Федерер дојде до 63. титула во кариера, инаку четврта во Синсинати. - Играм добар тенис во изминативе неколку недели, а денес беше само доказ за моето тврдење. Добро е да се види дека напорните тренинзи се исплатат. Бев блиску до освојување титула неколкупати сезонава, како на пример во Хале и во Мадрид, но среќен сум што конечно се случи. Мечот против Марди беше неизвесен, но за среќа заврши поволно за мене. Имав голема верба дека ќе победам, а тоа некогаш може да ја направи потребната разлика - изјави Федерер, кој последната титула ја освои на Отвореното првенство на Австралија во почетокот на годинава. На Федерер му беа потребни три часа и 25 минути за да ја освои 63. титула во кариерата, кое дополнително ќе го мотивира пред стартот на Отвореното првенство на САД на 30 август. Откако првите два сета беа одлучени во тај-брејк, клучниот момент во кој се одлучи победникот беше во деветтиот гем од третиот сет кога Федерер успеа да направи брејк за 5-4, по што на свој сервис успеа да дојде до победата. - Федерер е вистински шампион, најголемиот на сите времиња. Направив се за да му се спротивставам, но тоа беше мојот максимум. Неговата победа е заслужена бидејќи денес тој беше подобар противник - изјави Фиш.