Фортуната им се насмевна на Вердер и на Партизан

Вердер по продолженијата, а Партизан по пенал-рулетот успеаја да ги елиминираат Сампдорија, односно Андерлехт, и да се пласираат во фазата по групи во Лигата на шампионите.

09:00 | 26.08.2010 | Автор: Шпиц

Белградски Партизан по пауза од седум години повторно ќе настапи во фазата по групи во Лигата на шампионите откако го доби пенал-рулетот на гостувањето против Андерлехт со 3-2. Во регуларниот дел дуелот во Брисел заврши со идентични 2-2 како од првата средба од четвртото плејоф-коло во Белград, а „црвено-црните” беа посреќни при изведувањето пенали откако резултатот остана непроменет и по продолженијата. Партизан поведе со 2-0 со головите на бразилскиот напаѓач Клео, но домаќините изедначија во вториот дел преку Лукаку и Жилет.
- Изигравме храбро и во ниту еден момент не ја загубивме надежта, иако ја прокоцкавме предноста од два гола. Продолживме да напаѓаме, па на крајот ни се исплатеше - изјави тренерот на Партизан, Александар Станојевиќ.Слична судбина како Андерлехт на домашен терен доживеа и Сампдорија, која сите ја видоа во групната фаза на ЛШ по убедливото водство од 3-0 против Вердер. Но радоста на тимот од Џенова по двата гола на Џампаоло Пацини и едниот погодок на Антонио Касано стивна во последните моменти од судиското продолжение кога Маркус Розенберг ја затресе мрежата на Сампдорија за изедначување на вкупниот резултат од 4-4. Славењето на Германците им го донесе Клаудио Пизаро, кој стрелаше прецизно во продолженијата.
Доминацијата на гостите ја комплетираа и Брага и Базел, кои ги потврдија победите од првите мечеви. Гол-шоуто во Шпанија против Севилја го доби португалскиот вицешампион со 4-3, додека Базел на гостувањето во Молдавија против Шериф беа убедливи со 3-0. Честа на домаќините ја спаси Хапоел, кој одигра само 1-1 против Салцбург, но победата од првиот меч му беше доволна за пласман во фазата по групи во Лигата на шампионите.
Резултати: Сампдорија – Вердер 3-2 по продолженија (1-3), Севилја – Брага 3-4 (0-1), Шериф – Базел 0-3 (0-1), Хапоел Т.А. – Салцбург 1-1 (3-2).

Тагови (карактеристични поими за веста):
|