Грција преголем залак за Македонија

Македонската ватерполо-репрезентација претрпе убедлив пораз од 10-5 од нашиот јужен сосед во вториот дуел на ЕП во Загреб.

09:00 | 01.09.2010 | Автор: Шпиц

Македонската ватерполо-репрезентација претрпе убедлив пораз од Грција со 10-5 на вториот натпреварувачки ден од Европското првенство во Загреб. Избраниците на селекторот Стеван Нонковиќ беа рамноправни противници само во првата четвртина, по што следуваше резултатски потоп во втората четвртина, што се покажа како клучен за поразот.
- По одлично одиграниот меч против Русија, по кој бев многу задоволен, денеска настапи разочарување. Воопшто не сум задоволен од играта, особено во одбраната. Дополнителен хендикеп беше што го немавме потребното количество на среќа при ударите кон противничкиот гол - изјави селекторот Стеван Нонковиќ. Македонските ватерполисти добро ја почнаа пресметката со нашиот јужен сосед и во првиот период на двапати имаа минимална предност од 1-0 и од 2-1, но тоа беше единствената позитива до крајот на дуелот. Во вториот период Грците постигна четири гола во серија за водство од 6-2, со што беше најавен поразот.
Во третата четвртина избраниците на Нонковиќ се доближија на минус два гола, по што се врати надежта дека е можен пресврт, но во завршницата повторно Грците беа убедливи, добивајќи го последниот дел со 4-1 за конечен триумф од 10-5. - По победата во првото коло бевме самоуверени, но многу бргу против Грција се најдовме во негатива која не успеавме да ја надминеме. Дополнителен проблем беше повредата на рамото на Благоје Ивовиќ во првиот дел од мечот. Тој е еден од нашите клучни играчи. Не ни преостанува ништо друго освен што е можно побрзо да го заборавиме овој пораз и да се обидеме да ја совладаме Германија - изјави капитенот на македонскиот ватерполо-тим, Ненад Петровиќ. За Македонија головите ги постигнаа Иван Вуксановиќ, Ненад Босанчиќ, Владимир Кречковиќ, Еди Бркиќ и Владимир Латковиќ, додека во противничкиот тим со два постигнати гола најефикасни беа Константинос Мурикис и Андреас Миралис. По вчерашниот слободен ден, македонските ватерполисти во третото коло од групата Б денеска со почеток во 13 часот ги очекува пресметката со Германија.

Тагови (карактеристични поими за веста):
|