„Хотел Камерун“ падна врз Груевски

Антикорупциската корупција треба да го испита целиот случај во однос на условите врз кои е доделен тендерот за фирмата за изградба на луксузен хотел на земјиште од 5.000 квадратни метри зад „Рамстор“

21:45 | 08.02.2010 | Автор: Влатко Стојановски

Фирмата „ХЛХ Македонија“ по незаконски пат го добила тендерот за изградба на хотел на земјиште од 5.000 квадратни метри во центарот на Скопје, смета опозицијата, како и дел од стручната јавност. Откако британски „Дејли телеграф“ ја објави аферата „Хотел Камерун“ во која, според весникот, се вклучени Дејвид Камерон, лидерот на британската конзервативна партија и неговиот близок соработник и пријател Ендрју Фелдман, се крена голема прашина во двете земји. Но за разлика од брзиот демант од британските ториевци, владејачката партија во земјава, ВМРО - ДПМНЕ молчи.
Поранешната прва антикорупционерка Слаѓана Тасева, повикувајќи се на анализата на тендерската постапка, убедена е дека целата работа е незаконска што автоматски поведува кривична одговорност.
Според неа, Комисијата за спречување корупција треба да го испита целиот случај во однос на условите врз кои е доделен тендерот.
Од опозициската СДСМ во целата работа гледаат тежок финансиски криминал.
- Фирмата која го добива тендерот за изградба на хотелот, не ги исполнува условите. Второ, според законот за градба, секој градежен објект мора да има табла на која ќе пишува кој е инвеститорот, колку чини инвестицијата и со кое решение се гради. На спорната локација табла нема, додека Министерството за транспорт и врски не кажува јасно кој е инвеститорот - вели Јани Макрадули од СДСМ.
Министерството за транспорт и врски, пак, во јули 2007 година објави дека „Резидор САС“ е сопственик на местото зад „Рамстор“, додека владата изрази задоволство од инвестицијата на „еден“ реномиран странски бренд.
- Она што Македонија ќе го добие, освен што ќе добие топ-класа хотел во главниот град, е еден влез на странски инвеститор кој директно ќе влијае на економскиот раст, а ќе отвори и нови работни места - рече премиерот Никола Груевски во август 2007 година кога беше објавено дека британските компании „Резидор хотел груп“ и „Еквест“ ги уплатиле парите за земјиштето во износ од три милиони евра.
Инволвираниот Фелдман вели дека неговото учество во конзорциумот за хотелот изнесува само 450.000 фунти, па според тоа и евентуалната заработувачка ќе биде соодветна на тој влог, додека инвестицијата за новиот македонски хотел се проценува на 26 милиони фунти. Тој уште објаснува дека македонското Министерство за правда го испитувало случајот и потоа утврдило дека не се прекршени никакви законски и владини прописи.
Имено, изградбата на хотелот, кој според најавите треба да биде на шест ката и да има 200 соби, почна во август 2007 година и требаше да биде завршена за две и пол години, но досега изградбата не е стигната ниту до приземјето.
Сашо Ордановски од „Транспарентност нулта корупција“ вели дека ова е пример за нетранспарентно и недемократско работење.
- Целиот проект е една маска, демек се прикажува земјата како интересна за инвестирање, додека под маската станува збор за матна зделка, од која некои од македонските бизнисмени и политичари ќе профитираат - вели Ордановски образложувајќи дека, сепак, некој од земјава најмногу ќе се офајди од хотелот од кој, како што посочува тој, можат да се видат само дупки.
Имено, „ХЛХ Македонија“, фирмата која го доби тендерот пред цели две години, а за која опозицијата се сомнева дека всушност е инвеститорот во проектот, според информациите на „Телеграф“, е основана во јули 2007 година, само неколку дена пред да биде потпишан договорот. Правното лице е заедничка сопственост на фирмата на Фелдман, мала хотелска компанија од Британија, и фонд од Лихтенштајн, додека адресата на компанијата е деловна зграда во сопственост на Орце Камчев.