Интервју со Стефче Јакимовски

Груевски примал 100 денари рушвет за бордеро?!

21:30 | 05.03.2010 | Автор: Влатко Стојановски

Стевче Јакимовски, градоначалник на општина Карпош и поранешен министер во ресорите економија и труд и социјала, пред извесно време од редовите на ЛДП премина во СДСМ. Во јавноста е актуелен по вербалните расправи и преписки што ги води со власта предводена од ВМРО-ДПМНЕ.
Господине Јакимовски, периодов сте една од главните мети на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, која во континуитет Ве обвинува дека сте склучиле низа сомнителни договори во минатото како висок државен функционер. Како ги толкувате овие атаци врз себе?
- Ова е очекувана нервоза од владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Скопје е многу битен сегмент од гласачкото тело во земјава, кој ќе ги одлучува идните избори, поради што на гарнитурата на власт не и е сеедно кој влегува во СДСМ и кој застанува на чело на градската организација на оваа партија. Но, во секое зло има и добро. Замислете воопшто никој да не реагираше на моето преминување од ЛДП во СДСМ? Со ова само покажуваат дека тие се плашат од мене, зашто знаат како поминаа на локалните избори лани во Карпош. Ние таму, на чело со мене, го победивме директно Груевски, зашто секој втор ден беше во Карпош и три минути пред молкот кампањата ја заврши плукајќи против мене, но без успех.
СДСМ се екипира и сериозно се подготвува за наредните избори, па власта катадневно креира афери, пласирајќи полувистини и недокажани работи пред јавноста. Секоја афера што ја конструираат против мене, паѓа во вода зашто на крајот аферата повторно завршува кај членовите на ВМРО-ДПМНЕ. На пример, одморалиштето Малешево-Берово заврши во дворот на Каширски. Рудникот Дримкол од Вевчани почнува и завршува со Илчо Јакимовски, прв братучед на Љупчо Јакимовски, поранешен директор на МРТВ. Дури и аферата со „Окта“ за која пет години се борам да се расчисти, се обидуваат да ми ја припишат мене.
Премиерот во една пригода изјави дека се срами и жали што има градоначалник како Вас...
- Дали од мене или од него се срамат граѓаните на Карпош, видовме на 5 април минатата година. Пред две вечери ми се јави еден пријател од странство и ми вели: „Груевски ли ќе ви ја води државата, него ли не го знам, па ние му дававме по 100 денари рушвет за да ни издаде бордеро кога одевме во странство, оти немавме легално девизи на книшка!“ Потонав во земја, а за се друго што се срамам јас од него треба да напишам роман.
Споменавте дека државата води лоша економска политика, но владата постојано се фали со своите постигнувања и успеси на економско поле, презентирајќи разни статистички податоци.
- ВМРО-ДПМНЕ ветуваше дека на народот ќе му отвора фабрики и нови работни места, ќе донесат странски инвестиции, ќе отворат нови работни места. Наместо тоа, денес Груевски ни дели јарболи и не замајува со шмизли, лавови, бикови, коњи и трумфални капии. Не знам само по кој остварен триумф ќе поминува низ таа капија? Но, ВМРО-вците се навикнати да слават порази. Ете, по тоа ние се разликуваме. Ние славиме победи - тие порази. Се на се, невидени лаги. Економската состојба се гледа по џебовите на граѓаните, кои се евидентно посиромашни денес отколку пред четири години. Сите продукти драстично поскапеа, се покачи цената на парното и струјата, бизнис-клима не постои.
л Дали во едни такви економски околности е потребен проектот „Скопје 2014“ и доколку Вие бевте на местото на Груевски, каде би ги насочиле тие 200 милиони евра планирани средства за изградба на објектите и скулптурите?
- Скопје не е само централното подрачје на градот, па ајде 200 милиони да истуриме за некој да го памети Никола Груевски. На пример, граѓаните на повисоките зони, како Нерези и Козле, по шест месеци не палат бојлер и носат вода во туби. Ова е вистински пример како државата лесно заработува пари со присила со земање од граѓаните преку даноци и казни кои, пак, потоа многу лесно ги троши. Лесно заработеното, уште полесно се троши. Наместо за хидроелектрани, патишта, пруги и мелиоративни системи, Груевски ги насочува парите во паметници за неговото автократско владеење. Во суштина, тука може да лежи тежок криминал, кој се спроведува преку авторските хонорари.