Македонија мора да се дели

Ќе проговорам за бугарскиот пасош кога ќе се кандидирам за висока политичка функција, изјави завчера поранешниот премиер Љубчо Ѓеоргиевски во емисијата Х/О

21:30 | 16.02.2010 | Автор: Влатко Стојановски

Преку кич национализмот ги загубивме пријателите кои требаше да лобираат за нас во процесот на евроинтеграциите, изјави поранешниот премиер Љубчо Ѓеоргиевски во емисијата Х/О на Канал 5. Според него, Македонија го загуби статусот на жртва по НАТО самитот во Букурешт, како резултат на агресивната антиквизација.
- Ова што се случува, сите тие поделби по разни основи претставуваат една идеолошка хипноза за народот - оцени Ѓеоргиевски, според кого наш основен постулат е словенството.
Имено, анализирајќи ги актуелните политички состојби во земјава, тој додаде дека владата води катастрофална политика. Наместо тоа, како што објаснува Ѓеоргиевски, оној што се занимава со оваа работа треба да биде подготвен да даде политичка жртва. Водејќи се од таа претпоставка, според него, гарнитурата на власт треба да направи напори да го реши проблемот со името до јуни, бидејќи во спротивно ќе треба да чекаме уште цели пет години, заедно со Србија и Црна Гора.
- Наша црвена линија е јазикот и идентитетот, кои мора да бидат македонски. Додека за името на државата може да се прифати географската одредница северна, а промената на Уставот и пасошите се технички прашања - посочи Ѓеоргиевски.
Меѓу другото, тој уште еднаш го повтори својот став дека најдобро за Македонија би било да се подели по етничка основа. Но, овојпат тоа не можат да го иницираат Македонците, туку, како што смета Ѓеоргиевски, само Албанците.
- Свесен сум дека народот ме мрази, но сега моето дејствување е насочено кон политичките елити, затоа што елитите ги движат настаните - истакна поранешниот лидер на десницата и наформален лидер на ВМРО-Народна.