Македонија против Русија на стартот од ЕП

Континенталниот шампионат во Загреб (од 29 август до 11 септември) претставува трет голем ватерполо собир за „црвено-жолтите“, по настапите на ЕП 2008 во Севилја и на СП во Рим во минатата година.

09:00 | 27.08.2010 | Автор: Шпиц
По неколкудневните подготовки во Шибеник, македонската ватерполо репрезентација пристигна во Загреб, каде што на првиот натпреварувачки ден од Европското првенство во недела ќе ги одмери силите против селекцијата на Русија. Дуелот од групата Б, каде што покрај „црвено-жолтите“ и „Зборнаја“ се уште и Србија, Унгарија, Германија и Грција, ќе стартува во 11.30 часот. Европското првенство во Загреб, кое ќе се одржи од 29 август до 11 септември, за Македонија претставува трет голем ватерполо собир, по настапите на ЕП во Малага 2008 и на СП во Рим минатата година.
- Добро сме подготвени и мотивирани. Секој натпревар за нас ќе биде значаен и затоа не можам да прецизирам кое место ќе го освоиме. Ќе одиме скалило по скалило. Едно е сигурно, а тоа е дека со освоено 8 место ќе обезбедиме пласман на СП, што ќе претставува успех. Првиот меч против Русија е многу важен за нас, а доколку забележиме победа, шансите за реализација на нашите амбиции многу ќе се зголемат. Русите ќе настапат со подмладен состав, кој се одликува со игра базирана на брзи контранапади. Грците, со кои ќе се сретнеме во второто коло в понеделник, имаат 50 отсто посилен состав од оној што го гледавме во Скопје во мечот од Светската лига. Германците се далеку од слаби, бидејќи имаат добри центри, а во подготвителниот период ги победија и САД и Унгарија. Србија, која годинава освои злато во Светската лига, е главен фаворит во нашата група, а и еден од најсериозните претенденти за освојување на златниот медал. Унгарците се секогаш незгодни противници, па секако дека ќе претставуваат голема закана за сите - изјави селекторот Стеван Нонковиќ.
За Македонија настапуваат по пет ватерполисти од Хрватска (Далибор Перчиниќ, Игор Рачуница, Здравко Делаш, Еди Бркиќ, Даниел Бениќ) и од Србија (Иван Вуксановиќ, Ненад Босанчиќ, Владимир Кречковиќ, Владимир Латковиќ и Ненад Петровиќ), како и Црногорецот Благоја Ивовиќ, и двајца Македонци Димитар Димитровски и вториот голман Бојан Јаневски. Капитенот на репрезентација, искусниот Ненад Петровиќ, верува дека Македонија на ова ЕП има сили да се прикаже во светло издание.
- Како капитен можам да ветам дека сите ватерполисти со цело срце ќе се борат за боите на Македонија, која ние странците ја сметаме за наш втор дом. Не се оптоваруваме со пласманот, ќе одиме меч по меч, а ако ја победиме Русија, ќе можеме да сметаме на добар пласман - вели Петровиќ.
Во групата А, покрај домаќинот Хрватска, се и Црна Гора, Италија, Романија, Шпанија и Турција. Првите три селекции од двете групи одат во втората фаза.