Секс-бомба ја разнесе врската на Тевез

Аргентинскиот фудбалер ја остави трудната пријателка поради сексапилната манекенка Маријана Паесани

21:00 | 09.03.2010 | Автор: Сашко Димовски

Напаѓачот на Манчестер сити и на репрезентацијата на Аргентина, Карлос Тевез ја изневерувал трудната сопруга. Тој е последен во серијата секс-скандали на играчи од Премиер-лигата. Пандорината кутија ја отвори капитенот на Челзи, Џон Тери, со поранешната девојка на неговиот соиграч од репрезентацијата, Вејн Бриџ, следуваше бекот на Челзи, Ешли Кол, со шверцувањето на клупската секретарка во хотелските соби пред гостувањата на Челзи, а последен во низата беше Патрис Евра од Манчестер јунајтед, кој е уловен како влегува во евтин хотел со убава русокоса.
Нивните стапки ги следеше Тевез. Да не остане покус, тој е фотографиран од папараците како напушта хотел рака под рака со една прекрасна жена. Подоцна е утврдено дека се работи за познатата манекенка Маријана Паесани. Таа му помагала на фудбалерот полесно да ја поднесе бременоста на неговата пријателка Ванеса, која се породи кон средината на февруари, а Тевез од „граѓаните“ доби двонеделен одмор за да биде со предвремено родената ќерка Кејти.
Тој преку ден бил со Ванеса и со Кејти, а ноќите ги минувал со Паесани. Тевез на 31-годишната поранешна мажоретка и платил авионски билет од Буенос Аирес до Лондон. Тој отпатувал со прва класа, а неговата пријателка седела во бизнис-класата веднаш зад него. Анонимен сведок соопшти дека по затворањето на вратите Маријана седнала во скутот на фудбалерот и почнала страсно да го бакнува.
Портпаролот на Тевез тврди дека нема ништо спорно, бидејќи неговиот клиент и Ванеса, мајката на неговата ќерка се раздвоени веќе шест месеци. Тие врската ја прекинале во вториот месец од бременоста, иако некои медиуми тврдат дека се во брак. И поранешната жена на Карлос, Рајмунда, со која ја има четиригодишната ќерка Флоренсија, постојано изјавува дека се уште се заедно.
Маријана никогаш не криела дека фудбалерите и се слаба точка.
- Умирам за фудбалери. Целото тело го мачкам со ванила и со чоколада, а тие сакаат да ме изедат. Не можам да им се наситам на мажите - вели Паесани, која во октомври 2008 година беше видена како игра голф со Тевез во Манчестер, а подоцна се уловени во еден ресторан, од каде што со „бентлито“ на фудбалерот заминале во непознат правец.