Во Италија гледаат старци, во Англија странци

Највозрасните екипи доаѓаат од Апенинскиот Полуостров, а најмногу гастарбајтери има на терените во Премиер-лигата.

10:00 | 26.08.2010 | Автор: Шпиц

Во италијанската Серија А играат најстарите фудбалери, а англиската Премиер-лига е мека за странците, покажуваат истражувањата за петте најдобри лиги во Европа. Вториот најтрофеен европски клуб по Реал Мадрид, Милан, има просечна старост на фудбалерите од 29,6 години и е највозрасна екипа во Италија, Германија, Франција, Англија и во Шпанија. Најмногу гастарбајтери има во Англија, каде што странци се околу 60 отсто од играчите.
Милан со просек од 29,6 години е убедливо најстариот тим во Европа, а во првите десет има пет екипи од Италија, меѓу кои се Рома, Киево, Јувентус и Интер. Малку заостанува Челзи, а најмлад состав има Барселона со просечна старост од 26,4 години.
Интер води според странците во екипата. Европскиот шампион, чиј член е Горан Пандев, во минатата сезона на поголемиот дел од средбите на терен истрчуваше без ниту еден Италијанец. Со 93 отсто странци, Интер го дели првото место со лондонски Арсенал. За разлика од овие два клуба, единствен тим без странец е Атлетик Билбао. Тој важи за најтврдокорен и најнационалистичкиот клуб, бидејќи во него имаат право да играат само Баскијци.
Најпосакувани фудбалери во европските лиги се Бразилците и Аргентинците. „Кариоките“ со години се најголеми извозници на фудбалери и на светско ниво. Во петте најсилни лиги настапуваат 139 Бразилци, 19 повеќе отколку Аргентинците. Во 2009 година предноста на „кариоките“ изнесуваше 60 фудбалери. Трет најголем извозник на играчи е Франција.
Во Англија играат 60 отсто странци, што е за 20 отсто повеќе од другите земји. Следуваат Германија, Италија, Шпанија и Франција. Овие показатели од поодамна им се познати на фудбалските експерти од Островот, бидејќи премиерлигашите имаат огромни успеси во Лигата на шампионите, а селекцијата на Англија, од светската титула во 1966 година пред домашните фанови, нема позначаен успех на континенталните шампиони и на мундијалите.

Тагови (карактеристични поими за веста):
|