Белгија презема претседавање со ЕУ

06:30 | 01.07.2010 | Автор: МИА

Белгија од денеска го презема шестмесечното претседавање со Европската унија.Новата влада на Белгија по изборите од 13 јуни на кои победија фламанските сепаратисти, може да биде формирана најрано во октомври, а до тогаш со државата ќе управува премиерот во оставка Ив Летерм. Белгиското претседавање како што најави Летерм, има пет основни приоритети меѓу кои најважни се зацврстување на европските институции во согласност со Лисабонскиот договор и стратегија за излез од економската криза.Проширувањето е „една од најважните работи“ за Белгија која е приврзаник за европските интеграции и има намера да одржи континуитет со досегашната политика. Став на Белгија е дека мора да се искористи историската можност за проширување која постои во овој момент и на сите држави кои сакаат членство мора да им се обезбеди сигурна европска иднина, но придружувањето мора да се изврши врз основа на напредок од тие држави. Во тој контекст, давањето европска иднина за сите држави од Западен Балкан останува еден од приоритетите на Унијата и за време на белгиското претседавање. Претставувајќи ја програмата за претседавање, Летерм наведе дека Белгија има намера да „ја ограничи својата улога“ и поголем простор да му даде на претседателот на Советот на ЕУ, Херман ван Ромпуј и на високиот претставник за надворешна и безбедносна политика Кетрин Ештон.На економски план, Белгија сака да го помогне економскиот раст со помош на пакет мерки кој би зголемил надзор над финансиските пазари. Белгија ќе работи на создавање цврста и конкретна рамка за спроведување на предлогот изнесен од ЕК како и на воспоставување подобра економска координација меѓу европските држави.Белгија исто така, сака да работи и на унапредување на социјалната кохезија и борбата против сиромаштијата со јакнење на служби за општ интерес, подобрување на здравството и спроведување пензиски реформи.Приоритет е и борбата против климатските промени и заштита на животната околина.На полето на правосудството и внатрешните работи, Белгија има намера да ја спроведе т.н. Стокхолмска програма покрената во 2009 година и воспостави меѓусебно признавање судски одлуки.На листата на приоритети се и надворешните односи каде Белгија сака конечно да профункционира новото дипломатско тело на Унијата.Шестмесечното претседавање, на 1 јануари 2011 година, Белгија ќе го отстапи на Унгарија.