» Најкоментирани од последната недела:
» Најчитани од последната недела:
Еврозоната планира формирање европски ММФ
Идејата е да се создаде алатка со која ќе се превенира повторување на нестабилноста на еврозоната, како резултат од должничките проблеми на поединечни членки, како Грција
Германија и Франција планираат нова иницијатива за подобрување на соработката и мониторинг во еврозоната, што ќе вклучува и креирање Европски монетарен фонд по примерот на Меѓународниот монетарен фонд, пишува магазинот „Фајненшл тајмс“, цитирајќи владини извори од двете земји. Идејата е да се создаде алатка со која ќе се превенира повторување на нестабилноста на еврозоната, како резултат на должничките проблеми на поединечни членки, како Грција. Германскиот министер за финансии, Волфганг Шаубле, ги открил првите детали за планот во текот на изминатиот викенд, пишува магазинот. Министерот рекол дека планот не е да се креира конкуренција на ММФ, туку институција за внатрешна рамнотежа во еврозоната, која ќе го има на располагање искуството на ММФ и слични механизми за интервенција. Грчкиот премиер Јоргос Папандреу по средбата со францускиот претседател Саркози рече дека Грција не бара пари, туку бара можност за заем, кој би бил под услови кои би биле слични, ако не може исти со оние што ги имаат земјите во еврозоната. Папандреу изрази благодарност за француската поддршка, но не се откажа од идејата да побара пари од ММФ ако не се најде решение во рамките на Европската унија. Францускиот претседател силно се противи на идејата за помош од ММФ сметајќи дека Европа треба да покаже способност сама да се справи со кризата. Саркози и Меркел на средбите што ги имаа викендов со грчкиот премиер бараа начин како да ги смират пазарите и да ги намалат долговите на оваа членка на еврозоната. Сепак, по разговорите, тие не изнесоа конкретно решение како тоа да се направи. Економистите изразуваат загриженост дека се повеќе земји ќе мора да бараат помош од Меѓународниот монетарен фонд. Затоа и лидерите на Велика Британија, Франција, Германија и на Италија оценија дека фондовите на ММФ би требало да бидат двојно поголеми, за да може да им се помогне на повеќето земји погодени од глобалната економска криза.


