НАТО пред распаѓање

Ако енергични сојузници, како Холандија и Канада, сакаат да се повлечат, што друго може да се каже, освен дека станува збор за криза

21:00 | 07.03.2010 | Автор: Шпиц

НАТО се наоѓа на работ на провалија, а мисијата во Авганистан би можела да доживее неуспех, оцени поранешниот генерален секретар на Алијансата, лорд Џорџ Робертсон.
- Се наоѓаме на работ на провалија, додека светот е зафатен од се поголемото незадоволство и од превирања. Единствено отворен и чесен разговор може да не спаси од пропаст - изјави Робертсон, во рамките на годишниот собир на американските членови на Атлантскиот совет, одржан во резиденцијата на германскиот амбасадор во Вашингтон.
Тој ги искритикува лидерите на НАТО поради тоа што не и објаснуваат на европската јавност, која се повеќе се противи на акциите во Авганистан, зошто победата во таа земја е важна за мирот и безбедноста во Европа.
Според него, мисијата во Авганистан би можела да доживее неуспех, поради одлуката на Холандија да стави крај на своето учество во Авганистан и најавата на Канада дека ќе го стори истото.
- Повлекување во време кога работата е до половина завршена, тоа е лош чекор. Ако овие енергични сојузници сакаат да се повлечат, што друго може да се каже, освен дека станува збор за криза - посочи поранешниот генерален секретар на Алијансата.
Робертсон, кој на чело на НАТО беше од 1999 до 2004 година, повлече паралела со кампањата на Алијансата против силите на Слободан Милошевиќ на Косово во 1999 година.
- Не победивме поради нашата супериорна воена моќ, туку затоа што ниту во еден момент не размислувавме на пораз. Го уверивме Милошевиќ и неговите генерали дека нема да отстапиме. Нашата кампања беше и воена и информативна - изјави Робертсон.