» Најкоментирани од последната недела:
» Најчитани од последната недела:
Односите меѓу САД и Турција во опасност
Комитетот за надворешна политика на Конгресот усвои резолуција со која страдањето на Ерменците во отоманската империја се оценува како геноцид. Турската влада одговори со итно повлекување на амбасадорот од Вашингтон
21:00 | 05.03.2010 | Автор: Соња Танеска Игнатоска
Турција го повика својот амбасадор во Соединетите Американски Држави на консултации, откако Комитетот за надворешни работи на Претставничкиот дом усвои резолуција со која масовното убивање Ерменци за време на отоманската империја се оценуваат како геноцид. За Ерменија, резолуцијата претставува зацврстување на човековите права во светот.
Станува збор за необврзувачка резолуција, која во Комитетот, и покрај приговорите од администрацијата на претседателот Барак Обама и од турската влада, мина со 23 гласа, еден повеќе од оние што беа против неа. Турција веднаш одговори со отповикување на амбасадорот Намик Тан од Вашингтон.
Во соопштението на турскиот премиер Таип Ердоган се наведува дека резолуцијата би можела да ги наруши турско-американските односи, како и напорите на Турција и на Ерменија за надминување на вековното непријателство. Претходно, Белата куќа соопшти дека Обама го повикал турскиот претседател Абдула Ѓул да го изрази неговото задоволство од турските напори за нормализација на односите со Ерменија. Притоа Обама побарал од Анкара да го ратификува договорот со Ерменија постигнат во минатиот октомври за отворање на нивната меѓусебна граница.
Во исто време, Обама побара од Комитетот да не ја усвојува резолуцијата, бидејќи тоа ќе ја навреди Турција во време кога односите со Анкара се клучни за американската политика на Блискиот Исток.
- Како што злосторствата на геноцидот продолжуваат во светот, така турската политика на отфрлање на ерменскиот геноцид им дава дозвола на оние што извршуваат такви злосторства - изјави претседателот на Комитетот, демократот Хауард Берман, наведувајќи дека секое заладување на билатералните односи за американската резолуција ќе мине брзо, бидејќи Турција ја сфаќа важноста на врската со Соединетите Држави. Тој наведе дека со слична резолуција излегоа и дваесетина земји на Европската унија.
Некои членови на Комитетот сметаат дека со резолуцијата Вашингтон ризикува да загуби од угледот во претежно муслиманската Турција и тоа во моментот кога се обидува да го поправи својот имиџ во исламскиот свет.


