Папандреу - САД да ги запрат шпекулативните трансакции

14:30 | 09.03.2010 | Автор: МИА
Грчкиот премиер Јоргос Папандреу побара од САД да помогнат во запирањето на шпекулативните трансакции на меѓународниот финансиски пазар, кои според него се виновни за „влошувањето на должничката криза“ во неговата земја, јави дописникот на МИА од Лондон. Во интервју за Би-Би-Си-Америка, Папандреу објасни дека би сакал американските власти да воведат строги прописи за регулирање на работата на хеџ фондовите и на трговците со девизи.Грчката Влада веќе воведе низа остри мерки за зауздување на буџетската потрошувачка и на огромниот внатрешен долг, кој изнесува 12,7 отсто од бруто домашниот производ на земјата, што е повеќе од четири пати од максимално дозволеното ниво во еврозоната.- Разни шпекуланти заработуваат секој ден милијарди, купувајќи го и препродавајќи го грчкиот долг, рече Папандреу за Би-Би-Си.Тој од своите европски сојузници во ЕУ и во зоната на еврото бара да и помогнат на Грција да дојде до поевтини позајмици на меѓународните финансиски пазари, во обид да се ефектуираат мерките што ги донесе неговата Влада и кои веќе наидуваат на остро противење во грчката јавност.Сегашниот огромен внатрешен долг и создава на Грција проблеми и на светскиот пазар на парите, затоа што кредитите за земјата сега се многу поскапи, отколку прано. Папандреу допатува во Вашингтон во официјална посета на САД и вчера се сретна со државниот секретар Хилари Клинтон, а денеска ќе има средба и со претседателот Барак Обама.