Сплит под облак од чад поради пожар

09:00 | 23.08.2010 | Автор: Шпиц
Поради големиот чад над Сплит, предизвикан од пожарот во боровата шума во Долна Рупотина, вчера Заводот за јавно здравство на градот ги предупреди граѓаните да не ги отвораат прозорците од домовите, пренесува „Хина“.
- Пожарот се шири на северозапад. Од големиот чад не можеме да процениме дали се загрозени станбените објекти - изјавил претставникот на сплитската противпожарна служба, Фелицио Парчин, додавајќи дека ќе се обидат да го насочат пожарот кон запад.
Пожарот што избувнал утринава го гаснат локалните пожарникари, три канадера, два хеликоптери и еден ер-трактор.
Голем шумски пожар се заканува да ги зафати и станбените објекти во малиот град Каристос на грчкиот остров Евбеја, на 60 километри источно од Атина, информираат од противпожарната служба во Грција, пренесува „Фокус“.
Со огнената стихија во моментов се борат 50 пожарникари и 32 доброволци со 23 противпожарни возила.
Засега, нема информации дали е предвидена евакуација на локалното население и туристите. Службите немаат објавено информации за евентуални жртви.
Гасењето на пожарот е отежнато од силниот ветер, поради што е прекинато дејствувањето на противпожарната авијација.
Каристос е град со околу 4.000 жители.